На 29.4.2024 г. во хотел Мериот, Скопје се одржа втората по ред фриленс конференција, организирана од фондацијата Импакт, а поддржана од Reconomy. На конференцијата беа споделени искуства, совети и експертиза на повеќе од 15 говорници и панелисти и на неа имаше можност за запознавање со работата и услугите кои ги нудат повеќе од 10 компании и организации кои ја поддржаа конференцијата.
Конференцијата ја поздрави Јилва Џонсон од Шведската амбасада во Скопје, која и самата својата кариера ја започнала со фриленсерство. Потоа следуваа презентации за правните сложености со кои се соочуваат фриленсерите и работата на дигитални платформи, но и што научивме во последните 4 години поддржувајќи го фриленс секторот во Македонија.
На втората фриленс конференција учествуваше и проф. д-р Александар Ристовски, потпретседател на ЗТСП, со презентација на тема „Правната положба на фриленсерите и ‘сивите зони’ помеѓу работниот однос и самовработувањето во македонски правен контекст” со што фриленсерите имаа можност да стекнат непроценлив увид во навигацијата на правните сложености и разбирањето на нивните права како фриленсери во Македонија. Професорот Ристовски истакна дека определувањето и дефинирањето на поимот фриленсери не е едноставна, ниту лесна задача. Сепак, тој посочи кон одредени категории и видови фриленсери во Македонија, кои би можеле да бидат опфатени во дефиницијата на самовработените лица предвидена во неколку прописи во областите на вработувањето, социјалното осигурување и даночната регулатива. Професорот Ристовски, исто така, се осврна и на индикаторите за постоење работен однос со кои може да се препознае и утврди дали едно лице е во работен однос или е самовработено; рестриктивниот и тесен опсег на лица кои можат да се подведат под поимот „работник” кој има последици и по самата заштита и опсегот на права кои ги остваруваат овие лица по основ на работа, односно работен однос; одредени разлики помеѓу сфаќањето на поимите „самовработување” и „фриленсерство”; правната рамка за уредување на положбата и правата на „хонорарците” во пакетот-измени и дополнувања на повеќе законски прописи кои стапија на сила на почетокот на 2015 година, но по само неколку месеци примена беа повлечени од примена; како и на сивите зони помеѓу работниот однос и самовработувањето (прикриен работен однос; зависна самовработеност; кежуализација на работата и форми на работа кои вклучуваат повеќе страни).
На конференцијата зеде учество и г. Емил Крстановски, национален координатор на Меѓународната организација на трудот (МОТ) во Македонија, со презентација на тема „Работа на/преку дигитални платформи – кон нов меѓународен стандард на трудот”. Тој ги посочи рапидниот и постојан раст на бројот на дигитални платформи (1070 платформи во 2023 година наспроти 193 во 2010 година) и на бројот на работници преку платформи; значајните инвестиции во дигитални платформи; како и карактеристиките на работата преку платформи. Исто така, ги истакна: акцијата за подобрување на работните услови; препораките на Меѓународната канцеларија на трудот во однос на новиот/-те инстумент/-и; главните придобивки од новата Директива на ЕУ за работниците на платформи прифатена од страна на Европскиот парламент на 24.4.2024 г. и предизвиците со кои се соочува работното законодавсто во Македонија.
Настанот продолжи со совети за лично брендирање, начини како да се зголеми продажбата и онлајн видливоста, но и како да се креира веб-продавница без програмирање. Интерактивниот карактер на настанот се прошири и на Менторското катче, каде што учесниците имаа непроценлива можност да се поврзат и да добијат совети и насоки од искусни ментори со успешни фриленсерски кариери во различни области.