ПОВИК за пријавување тема за учество на Годишната Конференција

НА ПРЕМИНОТ ПОМЕЃУ ПОСТОЕЧКОТО И НОВОТО РАБОТНО ЗАКОНОДАВСТВО ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – ПРЕМНОГУ РАНО ИЛИ ПРЕМНОГУ ДОЦНА ЗА НОВ ЗАКОН ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ?

Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија (ЗТСП) ги започнува организациските подготовки за Годишната Конференција „На преминот помеѓу постоечкото и новото работно законодавство во Северна Македонија – Премногу рано или премногу доцна за нов Закон за работните односи?” која ќе се одржи во Охрид на крајот на мај, 2023 година.

Во изминатиот период, една од главните активности на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија беше изработувањето класифицирана електронска база на судски одлуки во областа на работните односи (судска пракса), која е објавена на веб-страната на Здружението (https://trudovopravo.mk/sudska-praksa/rabotni-odnosi/). Базата на судски одлуки содржи повеќе од 500 релевантни пресуди на надлежните судови во Северна Македонија, систематизирани во повеќе различни групи прашања од индивидуалното и колективното трудово право. Широкиот опсег на прашања и теми опфатени на веб-страната на Здружението, кореспондира со главната цел на претстојната конференција, а тоа е, дискусија и размена на мислења и ставови за сите позначајни прашања и актуелни трендови во трудовото право „во пресрет” на усвојувањето на новиот Закон за работните односи. И покрај тоа што главниот акцент на претстојната конференција е ставен на состојбите поврзани со македонското работно законодавство, од не помало значење ќе бидат и останатите меѓународни, регионални и споредбено-правни искуства за современите достигнувања и идните предизвици во трудовото право, како и анализи за интерпретацијата и усогласеноста на националните правни рамки со социјалниот acquis на Европската унија.

Имајќи го во предвид претходното, ЗТСП упатува Повик за пријавување тема (наслов на труд и апстракт) за учество на Годишната Конференција, наменет за сите заинтересирани теоретичари, практичари и истражувачи од земјата и пошироко кои ќе пријават тема во областа на или во врска со работните односи (https://forms.gle/JyYgP1Za77ERHvfF6).

Во изборот и пријавувањето на темата, учесниците да ги земат во предвид следните области:

– Дискриминација, мобинг и човекови права во областа на работата и работните односи;

– Засновање работен однос, договор за вработување и нестандардни форми на вработување;

– Управување и организација, заштита на конкурентноста и реструктуирање (менаџери, конкурентска забрана и клаузула, деловна тајна, промена на работодавач, стечај, колективни отпуштања);

– Работни услови и права од работен однос (плати и плаќање на работата, работно време, одмори и отсуства и сл.);

– Дисциплинска одговорност и престанок на работниот однос;

– Слобода на здружување, право на организирање и колективно договарање и штрајк;

– Секоја друга област или прашање поврзано со работата или работниот однос.

Краен рок за пријавување на темите (насловите и апстрактите на трудовите) е 13 февруари, 2023 година, а за испраќање на конечните трудови е 30 март, 2023 година.

Конечните трудови се испраќаат на следната e-mail адреса: ztspsm@gmail.com

Упатството за подготвување на трудовите, може да го пронајдете при кликнување на следниот линк.

Трудовите, ќе бидат презентирани во програмскиот дел од Конференцијата, насловен како „конференциска сесија”. Во рамки на Конференцијата, ќе се одржи и панел-дискусија за актуелни прашања од работното законодавство, на која, учество ќе земат претставници на организациите на работниците, работодавачите и Владата на Република Северна Македонија. Трудовите и останатите содржини од Конференцијата, ќе бидат објавени во публикација со меѓународен уредувачки одбор.

Организацијата на годишната конференција на ЗТСП и печатењето на конференциската публикација се поддржани од Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Претседател на ЗТСП,

Проф. д-р Тодор Каламатиев

Претходно Symposium organized by the University of Zurich in honour of Prof. Dr. Wolfgang Portmann
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право