Тркалезна маса на тема развој на македонскиот фриленс екосистем

На 17.4.2024 г. се одржа тркалезна маса посветена на „фриленсерството” во Северна Македонија, организирана од фондацијата Импакт во рамки на проектот „Проширување на можностите за претприемништво на младите и економско зајакнување на жените” поддржан од Амбасадата на САД. На неа се дискутираше за новите нестандардни форми на вработување со фокус на промоција на фриленсерството преку дигитални платформи како можност за самовработување и генерирање дополнителни приходи.

На тркалезната маса на која присуствуваа претставници од владините и невладините организации, претставници на меѓународни организации, вклучувајќи ја и Меѓународната организација на трудот, како и независни експерти и фриленсери, со своја дискусија учествуваше и проф. д-р Александар Ристовски, потпретседател на ЗТСП.

Дигиталните платформи за работа кои се користат за давање најразлични услуги се резултат на најновата технолошка револуција на пазарот на труд. Бидејќи се релативно нови, истражувачите се стремат да ги дефинираат и измерат додека креаторите на политиката се соочуваат со предизвикот како да ги регулираат. Овие платформи имаат генерално позитивно влијание на економијата и придонесуваат за креирање работа и иновации и овозможуваат приход за работниците (често дополнителен) и можност за пристап до вработување на ранливите категории граѓани.

Помеѓу главните предизвици со кои се соочуваат македонските фриленсери беа истакнати следниве: неможноста за остварување работнички и социјални права (особено за женската млада популација); отсуството на форма во постојното законодавство која нуди истовремено и флексибилност за работодавачите и сигурност за работниците; потребата за уредување на статусот во регулативата, комплексните административни процедури за плаќање на данокот на личен доход при остварувањето приходи од странство; комплицираниот пристап до здравствено осигурување, можностите кои се понудени од државата за едукација и усовршување на вештините, непостоење платформа која ги содржи сите информации кои им се потребни и сл.

Надлежните институции како Министерството за труд и социјална политика, Министерство за финансии, како и Агенцијата за вработување на РСМ се отворени и сакаат да одговорат на потребите на фриленсерите. Но, не постои брзо решение за трајно да се реши проблемот. Македонскиот Закон за работните односи е ригиден и не препознава нови форми на вработување. Постои иницијатива и во процес е изработка на закон за воведување нова регулатива во делот на работа на дигитални платформи и регистар за доброволно и самостојно регулирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување. За да се забрза процесот потребно е да се дефинира категоријата на лица кои ги вршат овие работи и видот на ангажманот со цел да се создаде основ по кој фриленсерите ќе имаат директна врска за влез во задолжителното социјално осигурување.

Фриленсерите препорачаа дека е потребно да се развие национална стратегија и пакет-мерки за поддршка и развој на фриленсерството и вработување на далечина со цел да се влијае позитивно на екосистемот за фриленсинг во Македонија и да се спречи иселувањето на млади и талентирани лица кои постојано имаат потреба да се едуцираат и усовршуваат за да останат конкурентни на пазарот на труд.

Претходно 924 пресуди во базата на судска пракса во областа на работните односи на ЗТСП!
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право