Базата на судска пракса во областа на работните односи на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија (ЗТСП) е збогатена со дополнителни пресуди на Апелациониот суд Скопје, со што вкупниот број релевантни судски одлуки достапни за преземање изнесува 924 (деветстотини дваесет и четири). Одлуките можат да се преземаат во целост во нивната изворна форма, а заради поголема прегледност, во прилог на истите е објавен и краток извадок со клучни ставови на Судот во врска со предметниот спор.
Бројот на пресуди е особено зголемен, главно, во категориите кои се однесуваат на: Престанок на работниот однос, посебно од работни спорови по отказ на договорот за вработување поради причини на вина на работникот (со и без отказен рок) и по отказ поради деловни причини и колективни отпуштања, како и Одговорност за штета. Исто така, зголемен е и бројот на Пресуди кои се повикуваат на меѓународните стандарди на трудот, со што базата на судска пракса на ЗТСП продолжува да биде единствената ризница на пресуди во С. Македонија што објавува судски одлуки во кои се применети Конвенции на Меѓународната организација на трудот (МОТ).
ЗТСП ги повикува сите заинтересирани субјекти и чинители кои се занимаваат со практична примена на трудовото право (надлежни судови, адвокати, невладини организации и слично) да споделуваат релевантна судска пракса во областа на работните односи со Здружението, со цел понатамошно проширување и збогатување на ризницата на судски одлуки и унапредување на примената на трудовото право во државата. За таа намена, ЗТСП може да го контактирате на следната електронска адреса: ztspsm@gmail.com