- Version
- Преземи 8
- Големина на фајлот 433.79 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 25, 2017
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-273/16
„(...) правилно првостепениот суд утврдил дека тужителката во текот на постапката не доставила соодветно вештачење со кое би го докажала психичкото вознемирување, како и друг доказен материјал како што е водење мобинг дневник, односно систематско запишување на сите податоци за мобингот со колку што е можно повеќе детали, како што се датумот и времето на настаните, имињата на сведоците, исходот од настанот, обраќање на психолог и психијатар и континуирано следење на здравствената состојба, со обезбедување копии од медицинската документација. (...)
За да постои мобинг потребно е лицето да било психички вознемирувано, односно, да се работи за вознемирување во смисла на повреда на честа, достоинството и угледот на вработениот преку понижување, навредување и омаловажување, да постои нарушено психофизичко здравје или изгледи за нарушување на истото, кое не постоело претходно, а ако постоело, истото се зголемило. Исто така, потребна е континуираност во постапките со кои се врши мобингот, односно повторување, сè со цел вработениот сам да го напушти работното место, а во многу случаи да се демотивира вработениот и наруши неговата професионалната иднина и здравје.
(...) правилно првостепениот суд утврдил дека тужениот не извршил психичко вознемирување на работното место врз тужителката, бидејќи тужениот докажал дека не вршел психичко вознемирување врз тужителката на начин што истиот немал лични контакти со неа. Тужителката во случајот била исмејувана од други лица, ѝ се упатувале навредливи зборови од други вработени што значи дека тужениот ниту вербално, ниту невербално или физички не ја вознемирувал тужителката со цел да се повреди нејзиното достоинство. Исто така, првостепениот суд правилно утврдил дека тужениот не преземал постапки кои имале ефекти врз комуникациите на тужителката со другите колеги, врз социјалните контакти на тужителката со другите колеги, врз личниот углед на тужителката и постапки кои би имале ефекти врз работата на тужителката и врз нејзиното физичко здравје.
Според тоа, имајќи ги предвид наведените дејствија за кои се товари тужениот, правилно првостепениот суд не утврдил дека тужениот со кое било негативно однесување кое се повторува континуирано и систематски нанел повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на тужителката со што предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.
Оттука произлегува дека во конкретната правна работа не станува збор за негативно однесување, нема повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на тужителката во смисла на чл. 5 и чл. 18 од Законот за заштита од вознемирување на работно место, како и чл. 9-а од ЗРО, бидејќи тужениот не преземал дејствија со цел психички да ја вознемири тужителката, а дотолку повеќе што, во случајов се работи за надомест на нематеријална штета поради психичко вознемирување на работно место во траење од 10 години, поради што за да се досуди ваков надомест потребно е најпрво да се утврди постоење на психичко вознемирување – мобинг врз тужителката.”