Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1592/18

  • Version
  • Преземи 6
  • Големина на фајлот 477.66 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 23, 2018
  • Последна промена август 14, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1592/18

„(...) правилно првостепениот суд одлучил кога го одбил тужбеното барање на тужителот спрема првотужениот (работодавачот) кога нашол дека првотужениот не е пасивно легитимиран во конкретниот спор, со образложение дека извршител на мобинг може да биде само физичко лице, а не и правно лице, кое нешто е согласно со чл. 9-а, ст. 4 од ЗРО што значи дека првотужениот не може да биде странка во постапката.

(...) првостепениот суд правилно утврдил дека второтужената психички не го вознемирувала тужителот, односно не вршела дејствија на малтретирање, игнорирање, шиканирање, потценување кон тужителот, односно дека континуирано и систематски во подолг временски период не го повредувала достоинството, угледот и честа на тужителот, односно не постои конкретно дејствие на вознемирување и не постои каква било (писмена) реакција или поплака на тужителот за однесувањето на второтужената спрема него. Исто така, второтужената не учествувала ниту во постапката за откривање на неусогласеност на работењето на тужителот, според законските прописи и интерните акти на првотужениот, бидејќи ваквата постапка се водела пред друг Сектор на работодавачот, односно пред Офицерот за усогласеност и не ја инволвирала второтужената во постапката за утврдување неусогласеност, а дотолку повеќе што второтужената во времето на истрагата не ја вршела функцијата Директор на Сектор за кориснички услуги кај првотужениот (функцијата ја вршела до 31.10.2017 година).

(...) првостепениот суд утврдил и дека третотужената не вршела психичко вознемирување врз тужителот, односно третотужената не презела дејствија кои се изразувале како малтретирање, игнорирање, шиканирање и потценување кон тужителот, односно третотужената докажала дека не била инволвирана во истрагата што била спроведена кај работодавачот за утврдување усогласеност во работењето на тужителот со Директивата за работа, односно истрагата е водена од посебна Служба за усогласеност која е надвор од Секторот за кориснички услуги.

Третотужената не потпишала Барање за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност спрема тужителот согласно со одредбата од член 111 од КД на работодавачот, од што произлегува дека третотужената не сторила дејствие што претставува психичко вознемирување на работно место, ниту пак со своето однесување и активности сторила вознемирување на тужителот во смисла на одредбата од член 8 од Законот за заштита од вознемирување на работно место.

Во конкретниот случај, првостепениот суд правилно оценил дека дејствијата поврзани со распоредувањето на тужителот од работното место Специјалист за управување со документација на работното место Виш соработник за е-маил комуникација со корисници во Служба за контакт-центар во Секторот за кориснички услуги и дисциплинската постапка, а за кои тужителот смета дека второтужената и третотужената вршеле мобинг, претставуваат акти и дејствија од работен однос со кои се реализираат правата и обврските на страните кон истиот. Согласно ЗРО, против таквите акти, тужителот имал право да вложи приговор, а потоа со поднесување тужба пред надлежен суд да го оспори распоредувањето како незаконито, согласно со чл. 8, ст. 1, т. 1 и 2 од Законот за заштита од вознемирување на работно место, односно однесување и активности кои не се сметаат за вознемирување на работното место: ’1) поединечните акти донесени од страна на работодавачот со кои се одлучува за права, обврски и одговорности од работен однос, против кои вработениот има право на заштита во постапка утврдена со закон, 2) лишување и оневзоможување на остварување и користење на права утврдени со Закон, КД и Договор за вработување, чија заштита се остварува во постапка кај работодавачот и пред надлежен суд (...)‘, не се сметаат за вознемирување на работно место. Исто така, одземањето на телефонскиот апарат во текот на истрагата за утврдување усогласеност на работењето на тужителот со процедурите и Директивата кај првотужениот било сторено по дадена Изјава на тужителот дека се работи за службен телефон согласно со интерните процедури на работодавачот, а потоа и истиот бил уредно вратен на тужителот пред поднесување на тужбата, не претставува дејствие на вознемирување на работно место и не претставува дејствие на мобинг.”

Претходно Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-721/18
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право