- Version
- Преземи 9
- Големина на фајлот 637.63 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 25, 2018
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1781/17
„(...) не постојат елементи на психичко вознемирување – мобинг на работно место спрема тужителот со тоа што по именувањето на тужениот за раководител на Институтот (...) тужителот бил спречен и не му биле дозволени службени патувања за негово стручно усовршување, како и по однос на начинот и постапката за одобрување на службените патувања.
(...) од страна на тужениот како раководител на Институтот (...) нема негативно однесување, односно не се вршени никакви опструкции спрема тужителот ниту во врска со службените патувања, ниту пак во врска со нормално одвивање на комуникацијата и работната атмосфера во Институтот, бидејќи тужениот како раководител на Институтот преземал дејствија согласно своите овластувања како раководител на Институтот и спречувањето на тужителот да присуствува на службени патувања било во согласност со начинот и постапката за одобрување службени патувања. Дотолку повеќе што бројот на службени патувања бил ограничен на едно до две годишно, што не значи дека ваквите патувања мора годишно да се реализираат, а тоа што во времето додека тужителот бил раководител на Институтот истиот реализирал од 10 до 15 патувања годишно, произлегува дека истото е од причина што самиот како раководител си ги одобрувал службените патувања.
Елемент на психичко вознемирување не претставува ни тоа што на седницата на Наставно-научен совет (...) на која тужителот присуствувал, кога тужителот побарал да се симне блокадата на неговите службени патувања, тужениот изјавил дека нема намера да инвестира во едукација на кадри кои се пред пензионирање, како и тоа дека истиот не бил предложен и вклучен во ниту една рецензентска комисија, за што бил предвиден финансиски надомест, за подобност на тема, рецензија и одбрана на магистерски труд, ниту како ментор за изработка на магистерски труд, а тужениот и лицето Ф. Т. биле членови во Одборот (...) и самите себе се предлагале и вклучувале во повеќе комисии, а тужителот бил исклучен од тој одбор и од сите други одбори и тела на МФ – С. Ова од причина што фактот што на тужителот со разрешувањето од работно место раководител, а на кое работно место бил назначен тужениот, на тужителот му биле одземени и ограничени одредени привилегии кои како раководител ги имал и уживал, не може да се прифати дека на тужителот му е вршено психичко вознемирување, а имајќи предвид дека психичкото вознемирување (...) значи негативно однесување од поединец или група кое често се повторува (најмалку во период од шест месеца), а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработените лица и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место. (...)
Во однос на дејствието дека тужениот (...) како раководител поднел претставка против тужителот до Деканот Ј., со невистинити обвинувања и клевети и барал покренување дисциплинска постапка и изрекување парична казна спрема тужителот, по наоѓање на овој суд не претставува мобинг (...).
(...) од страна на тужениот нема негативно однесување во наведената ситуација бидејќи истата е во согласност со ЗРО, па тужителот доколку сметал дека тужениот со поднесување предлог за дисциплинска постапка не му ги обезбедува правата од работен однос или крши кое било од неговите права од работниот однос, во тој случај Законот за работните односи му овозможува да остварува заштита на правата кај работодавачот и судска заштита кое нешто е регулирано во одредбата од чл. 181 од ЗРО.
(...) правилно првостепениот суд прифатил дека во конкретниот случај од страна на тужениот не е преземена активност за вршење мобинг и не може да стане збор за психичко вознемирување, од причина што од изведените вербални и материјални докази се утврдува дека тужениот не вршел вознемирување на тужителот на своето работно место, туку тужителот бил тој којшто по именувањето на тужениот за раководител на Институтот започнал да го омаловажува и дискредитира тужениот, престанал да разговара со тужениот, како и започнал да го избегнува, односно да го заобиколува и да презема дејствија на своја рака, односно без добиена согласност или одобрение од тужениот како раководител и непосредно претпоставен.
Ова дотолку повеќе што според состојбата на списите во предметот произлегува дека тужителот пред поднесување на тужбата не постапил согласно чл. 17 и 18 од Законот за заштита од вознемирување на работно место и не поднел барање директно до тужениот за престанок на вознемирување на работно место, а со цел решавање на спорната состојба и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување не престане, па дури потоа да поведе постапка со тужба пред надлежниот суд.
Исто така, крајната цел на психичкото вознемирување (мобинг) е да доведе до состојба на престанок на работниот однос или лицето врз кое се врши психичкото вознемирување да го напушти работното место, што во конкретниот случај не е така, односно видно од списите во предметот, нема решение за престанок на работниот однос на тужителот.”