- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 110.42 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 22, 2017
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-347/16
„(...) тужениот постапил согласно со законот и правилно го донел решението за престанок на работниот однос на тужителот заснован на определено време, дотолку повеќе што истиот работел на определено време повеќе од 2 години, но не на упразнето место, туку како замена на отсутен наставник на породилно отсуство. Тоа значи дека не е исполнета законската одредба од чл. 46 од ЗРО за трансформирање на работниот однос на неопределено време, која предвидува дека работниот однос на работникот кој работи по договор за вработување на определено време со прекини и притоа остварил пензиски стаж повеќе од пет години, се трансформира во работен однос на неопределено време, доколку работникот продолжил со работа и остварувал работа кај ист работодавач. Во случај на потреба за замена на привремено отсутен работник, договор за вработување на определено време за замена на привремено отсутен работник може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник. Доколку работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободнено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, ако работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон, постои можност работниот однос заснован со договор за вработување на определено време да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од пет години.
Исто така, треба да се има предвид фактот дека трансформирањето на работниот однос од определено време на неопределено време се спроведува под услови и на начин утврдени со закон, а не се спроведува согласно со индивидуалните очекувања на работникот и работодавачот, односно меѓусебните разговори со колегите на работните состаноци не преставуваат основ за барањето и исчекувањето на тужителот да ги земе часовите на наставникот кој заминал во пензија и на тој начин да го оствари вработувањето на неопределено време, со оглед дека за правата од работен однос се одлучува согласно со законските прописи.
Во конкретниот случај, правилно првостепениот суд утврдил дека тужителот не ја докажал основаноста на тужбеното барање и не доставил доказ дека остварувал работен стаж повеќе од пет години кај ист работодавач, па со оглед на тоа не постои основ тужениот со тужителот да склучи договор за вработување на неопределено време на работно место наставник по математика, односно тужителот не работел кај работодавачот пет години и не постојат услови за примена на чл. 46, ст. 1 и 3 од ЗРО, како и не постојат услови за примена на чл. 46, ст. 4 од ЗРО, со оглед на фактот дека тужителот не работел кај работодавачот две години на ослободено работно место по основ на пензионирање (...)”