- Version
- Преземи 8
- Големина на фајлот 782.42 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање мај 28, 2014
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-453/14
„Неоснован е жалбениот навод на тужениот дека надоместокот на патни трошоци ги опфаќа трошоците за превоз само по поднесено писмено барање од страна на работникот од причина што работниците не се обврзани да бараат претходна заштита кај работодавачот кога предмет на барањето е исплата на парично побарување.
Неоснован е жалбениот навод на тужениот дека првостепениот суд не утврдил со сигурност дали тужителот имал реални трошоци за патување затоа што тужителот не доставил ниту еден доказ. Ова од причина што тужителот во спорниот период ги извршувал работните задачи на работното место на кое бил распореден и морал да патува од местото на живеење до местото на работа и обратно, а со тоа бил изложен на трошоци за патување, па без оглед на тоа што не доставил доказ, тужителот има право на надомест на реални трошоци согласно со Колективниот договор на тужениот.
Неоснован е и жалбениот навод на тужениот дека на тужителот му бил исплатуван надомест на трошоци за превоз до и од работа по 900,00 денари месечно согласно со Законот за извршување на буџетот на РМ, а тужениот како буџетски корисник бил лимитиран со средствата за исплата на овој надоместок. Ова од причина што во случај кога тужителот има поголеми трошоци за патување од надоместокот кој се исплатува при вршење на работни задачи во местото на живеење, истиот има право да му бидат надоместени реалните трошоци кои ги имал.
Овој суд го ценеше жалбениот навод на тужениот дека со одредбата од чл. 87, ст. 2 од Колективниот договор се регулирани трошоците за превоз во локалниот јавен сообраќај, а во конкретиот случај трошоците се однесуваат на меѓуградски, а не локален јавен сообраќај, меѓутоа истиот не го прифати од причина што кога не се работи за локален јавен сообраќај, висината на трошоците се определува во висина на билетот за меѓуградски превоз затоа што тоа се реални трошоци кои работодавачот има обврска да ги надомести.
Неоснован е жалбениот навод на тужениот дека на тужителот не му следува надомест за превоз за период од 2009 до 2010 година од причина што согласно со концептот за бруто-плата, не постои категоријата превоз и дека во Законот за извршување на Буџетот на РМ за 2010 година категоријата надоместок за превоз не е предвидена и истата не се исплаќа.
Имено, во услови кога тужениот не организирал превоз за вработените кои работните задачи ги извршувале надвор од местото на живеење и на неспорен факт како во конкретниот случај тужителот во спорниот период ги извршувал работните задачи на работното место на кое бил распореден во смисла на чл. 27 од КД на МВР и мора да патува од местото на живеење до местото на работа и обратно, тужениот има обврска на вработените да им ги надомести реално сторените трошоци за превоз. Ова право вработените – тужителот го има до примената на Колективниот договор на МВР, објавен во „Сл. в. на РМ”, бр. 126 од 22.9.2010 година.
Ова од причина што во услови кога тужителот секојдневно патувал на релација од местото на живеење до работа и обратно и имал поголеми трошоци за патување од надоместот кој се исплаќа при вршење на работни задачи во местото на живеење, а тужениот немал организирано превоз, тужителот има право да му бидат надоместени реалните трошоци кои ги имал. Вработените кои своите работни задачи ги извршуваат на начин што секојдневно патуваат од местото на живеење до местото на работа, како што е случај со тужителот, а тужениот не обезбедил организиран превоз, има право на надомест на реалните трошоци кои ги има.”