- Version
- Преземи 18
- Големина на фајлот 345.41 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јули 9, 2020
- Последна промена јули 31, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1471/19
„(...) првостепениот суд правилно утврдил дека тужителот користел годишен одмор за 2015, 2016, 2017 и 2018 година, но не му бил исплатен регрес за годишен одмор, ниту пак му бил исплатен новогодишен надоместок и јубилејна награда за 10 години, во согласност со чл. 66, 78 и чл. 80 од КД на тужениот. Во конкретниот случај, правото на регрес за годишен одмор е право кое му припаѓа на работникот доколку истиот во целост го искористил годишниот одмор до крајот на тековната година, што во оваа правна работа е неспорно утврдено, а кое е предвидено со одредбите од ЗРО и КД на тужениот и како такво не може да биде одземено или ограничено со акти и дејствија од страна на тужениот како работодавач.
Имено, со Колективниот договор на тужениот е утврдено правото на регрес во висина од 100% од основицата на име регрес за користење на годишен одмор што претставува просечната исплатена нето-плата по работник во РМ во претходните три месеци и правото на новогодишен надоместок во висина од најмалку 60% од просечната исплaтена нето-плата во стопанството на РМ во последните три месеци, а кое нешто претставува правен основ за исплата на овие надоместоци. (...) правото на регрес за годишен одмор е право на работникот предвидено со Колективниот договор на тужениот, како и во Колективен договор за комунални дејности на РМ, а согласно со законските одредби, правата од работен однос утврдени со Уставот, Закон и Колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот. Тоа што од страна на тужениот не е постапено согласно со одредбите на Колективниот договор на тужениот, односно тоа што не е донесена Одлука од страна на Управниот одбор согласно со чл. 60, ст. 4 од Колективниот договор по однос на висината и начинот на исплата на регрес за користење на годишен одмор, не значи дека тужителот како работник го губи правото на регрес за годишен одмор, за новогодишен надоместок и за јубилејна награда.
Неоснован е жалбениот навод на тужениот дека судот требал по однос на регресот за годишен одмор да се впушти во оцена на финансиската состојба на тужениот, односно дали финансиската состојба кај тужениот навистина била таква да не можело да се исплатат овие средства, бидејќи од страна на УО на тужениот не била донесена Одлука за утврдување на висината и начинот на исплата на овој надоместок. Ова од причина што со Колективниот договор на тужениот е утврдено правото на регрес на годишен одмор, како и правото на новогодишен надоместок, односно е утврдено дека работникот има право на надомест поврзан со работата и тоа до 100% од основицата на име регрес за користење на годишен одмор. Ставот 4 од членот 60 од Колективниот договор на тужениот се однесува само на висината на правото на регрес, а не и на тоа дали на тужителката ѝ следи или не право на регрес, а воедно оваа одредба се однесува само за висината на регресот, а не и за висината на новогодишен надоместок. Тоа што од страна на Управниот одбор на тужениот не била донесена одлука по однос на висината на начинот на исплата на регрес, не значи дека тужителката го губи или, пак, дека не ѝ следи правото на регрес на годишен одмор, со оглед дека став 4 од член 60 од КД на тужениот се однесува само на висината и начинот на исплата на регресот во зависност од финансиската можност на тужениот, а не и на правото на регрес. Имено, со оглед дека тужениот нема донесено Одлука по однос на висината и начинот на исплата на регресот на годишен одмор, како и со оглед дека тужениот не докажа каква била финансиската можност на тужениот за бараните години, судот висината на побарувањето за регрес за годишен одмор ја утврди согласно со член 80, став 1 од Колективниот договор за комунални дејности на РМ, каде е предвидено дека работникот добива регрес за годишен одмор во висина од една просечна исплатена плата во нето-износ во стопанството на РМ, како и согласно со член 60, став 1 од Колективниот договор на тужениот, каде што е предвидено дека работникот има право на надомест поврзан со работата и тоа до 100% од основицата на име регрес за годишен одмор. Неспорно е дека тужениот согласно со чл. 66, ст. 1, т. 10 и 12, чл. 78 и чл. 80, ст. 1 од Колективниот договор за комунални дејности на РМ и чл. 60, ст. 1, т. 1 и чл. 69 од Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниците од работен однос во ЈП (...), е должен да му ги исплати неисплатените надоместоци од плата на име регрес за годишен одмор, новогодишен надоместок и јубилејна награда за 10 години непрекинат работен стаж.”