- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 106.02 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 21, 2010
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1815/09
„(...) првостепениот суд, применувајќи го чл. 76, ст. 1, т. 1, чл. 71, чл. 72, чл. 79 и чл. 80 од ЗРО, правилно го применил материјалното право кога одлучил да го усвои тужбеното барање на тужителката и го поништил како незаконито Решението за престанок на работниот однос.
Во конкретниот случај, на тужителката со оспореното решение ѝ престанал работниот однос поради откажување на договорот за вработување од лични причини од страна на работодавачот. Во ова решение не е наведена причината поради која на тужителката ѝ е откажан договорот за вработување, иако тужениот имал обврска да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот на договорот за вработување на тужителката, односно имал обврска да даде образложение и да наведе докази за неизвршување на работните обврски од страна на тужителката, утврдени со закон, КД, договорот за вработување или актот на работодавачот или, пак, за кршење на работниот ред и дисциплина од нејзината страна, предвидени како лични причини на страната на работникот. Со тоа, правилен е заклучокот на првостепениот суд дека тужениот при донесување на оваа одлука постапил спротивно на чл. 72 од ЗРО, каде е наведено дека ако работодавачот го откажува договорот за вработување е должен да го наведе основот за отказот утврден со закон, КД и акт на работодавачот и да ја докаже основаноста на причините која го оправдува отказот.
(...) тужениот во текот на постапката нема доставено доказ од кој би се утврдило дали тужителката ја сторила повредата предвидена во чл. 79 од ЗРО. Со тоа, правилно постапил првостепениот суд кога со обжалената пресуда го усвоил тужбеното барање на тужителката, го поништил како незаконито решението за престанок на работниот однос на тужителката и го задолжил тужениот да ја врати на работа тужителката на работно место соодветно на нејзината стручна подготовка.
Овој суд ги ценеше наводите на тужениот дека тужителката сама побарала да ѝ престане работниот однос, меѓутоа истите не ги прифати од причина што доколку тужителката побарала да ѝ биде откажан договорот за вработување согласно со цитираниот чл. 71, ст. 1 од ЗРО, истата тоа морала да го стори со писмена изјава, па основаноста на ваквите наводи во смисла на одредбите од ЗПП товарот на докажувањето е на страната на тужениот и истиот бил должен пред судот тоа да го докаже, што во конкретниот предмет ова не е случај.”