Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1359/19

  • Version
  • Преземи 17
  • Големина на фајлот 211.77 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 15, 2020
  • Последна промена август 14, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1359/19

„Откажувањето на договорот за вработување поради лични причини на страна на работникот е еден од начините на престанок на работниот однос со отказ, и во смисла на член 79 и 80 од Законот за работните односи, претпоставки за давање законски отказ на договорот за вработување поради лични причини на страна на работникот се: на работникот треба да му бидат обезбедени потребните услови за работа; на работникот да му бидат дадени соодветни упатства, насоки и писмено предупредување од работодавачот во врска со работата дека работодавачот не е задоволен од начинот на извршување на работните обврски и до отказ на договорот за вработување може да дојде ако по даденото предупредување во рокот утврден од работодавачот, работникот не го подобри своето работење.

Во конкретниот случај, првостепениот суд од изведените докази правилно утврдил дека тужителот ненавремено, непостојано и незадоволително ги извршувал работните задачи од работното место (…), континуирано во периодот од 20.2.2017 година па до денот на донесување на одлуката за отказ, со што постапил спротивно на член 7 од Персоналниот Правилник на тужениот, одредбите од Правилникот за систематизација и организација на работните места кај тужениот кои се однесуваат на неговото работно место и спротивно на член 8 од Договорот за работа од 2016 година согласно со кој се обврзал совесно да ја извршува работата на работното место за кое склучил договор за работа и се обврзал да ги почитува барањата за извршување на работните задачи, како и упатствата дадени од страна на тужениот во врска со исполнувањето на работните обврски од работниот однос кои произлегуваат од договорот за работа. (…)

Од Персоналниот Правилник за вработените донесен од тужениот, судот утврдил дека согласно со член 7 од истиот, раководството и вработените се одговорни да ги извршуваат своите работни задачи навремено и темелно и во согласност со деловната етика на друштвото. Вработените се обврзани да ги извршуваат работните задачи согласно со работното време утврдено од страна на друштвото и да ги извршуваат совесно, методично и темелно, како и согласно со деловните практики на друштвото.

(...) правилно првостепениот суд утврдил дека тужителот ненавремено и незадоволително ги извршувал работните задачи од работното место (...), односно дека тужениот имал основ да го откаже на тужителот договорот за вработување.

Наспроти доказите доставени од тужениот од кои првостепениот суд правилно утврдил дека тужителот ненавремено и незадоволително ги извршувал работните задачи од работното место, тужителот не доставил докази во смисла на член 205 од ЗПП, со кои ќе ја докаже неоснованоста и незаконитоста на одлуката за отказ, односно тужителот освен електронската комуникација е – меиловите, не доставил други релевантни писмени докази на околности за неосновани наводи во Одлуката за отказ, во смисла на постапување на тужителот спротивно на член 7 од Персоналниот Правилник и постапување спротивно на член 8 од Договорот за работа поради што и му бил даден отказ. Тужителот изнел само усни наводи дека навремено и во целост ги извршувал работните задачи од работното место, усни наводи дека неосновано е наведеното во образложението на Одлуката за отказ, без тие усни наводи да ги поткрепи со соодветни писмени и веродостојни докази. Тужителот не оспорил дека му била дадена задача да ја заврши Базата на податоци, ниту пак доставил докази дека ја извршил во целост дадената задача, односно целосно ја завршил и комплетирал Базата на податоци, ниту пак приговорил дека од тужениот за остварувањето на таа задача не му биле обезбедени потребни услови за работа, не му биле дадени упатства, насоки за работа.

(...) тужениот пред откажување на договорот за вработување му дал писмено Предупредување на тужителот со кое му укажал дека не е задоволен од извршувањето на работните обврски и му дал дополнителен рок од 15 дена за да го подобри своето работење на начин што ќе ги преземел сите потребни активности за остварување на предвидените резултати од работењето (...), со предупредување дека доколку во дадениот рок од 15 дена не успее да го подобри работењето и продолжи со ненавремено, непостојано и незадоволително исполнување на неговите работни обврски, ќе му биде врачен отказ на договорот за вработување. Рокот од 15 дена во кој тужителот требал да го подобри своето работење го определил тужениот во рамките на рокот кој го предвидува чл. 80 од ЗРО. Тужителот не го подобрил своето работење во дадениот рок од 15 дена и бидејќи тужениот не бил задоволен од исполнувањето на работните обврски на тужителот и по дополнителниот рок за подобрување на работењето, донел одлука за отказ на договорот за вработување на тужителот, со отказен рок.

(...) тужениот ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот, односно докажал дека откажувањето на договорот за вработување поради лични причини на страна на тужителот е законито и е во согласност со член 79 и 80 од ЗРО.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1456/18
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право