Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-31/15

  • Version
  • Преземи 3
  • Големина на фајлот 145.79 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање октомври 14, 2015
  • Последна промена август 14, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-31/15

„Со оспорената одлука на тужителот му е откажан договорот за вработување врз основа на чл. 82, ст. 1, т. 5 од ЗРО. Според наведената законска одредба, договорот за вработување се откажува ако тужителот стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот. Во образложението на оспорената одлука се наведува дека тужителот во месец април 2011 година сторил кражба на гориво – нафта заедно со организирана група работници распоредени на објектот Кожуф и со тоа предизвикале штета на работодавачот, и тоа на начин што при преточување на гориво од цистерна во машина со која управувал, потпишувал дека прима поголемо количество нафта од стварната количина на точење во машината, а разликата во меѓусебен договор со останатите во групата ја препродавале со цел за себе и за другите во групата да оствари противправна имотна корист.

(...) кога работодавачот го откажува договорот за вработување, во својата одлука е должен да го наведе основот за откажување на договорот за вработување и во истата да го образложи откажувањето на договорот за вработување, односно да наведе на кој начин, со кои дејствија, во кој временски период и слично работникот сторил повреда на работниот ред и дисциплина.

(...) по наоѓање на овој суд, погрешно првостепениот суд прифатил дека тужениот постапил во согласност со чл. 72 од ЗРО, односно по наоѓање на овој суд, тужениот не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот и истата не ја навел во образложението, за кое нешто е должен согласно со законска одредба од чл. 72 од ЗРО. Според оваа одредба, работодавачот е должен да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот, а тоа значи дека мора да наведе докази за основаноста на причината која го оправдува отказот за да може да се прифати дека истиот донел законита одлука за откажување на договорот за вработување и дека истиот имал основ за откажување на договорот за вработување. Тужениот при донесувањето на оспорената одлука не го утврдил времето, ниту местото, ниту начинот на сторување на наводно сторената кражба, ниту пак навел за колкава штета се работи, односно за колкав паричен износ е оштетен, ниту пак има доставено доказ во текот на постапката од кој ќе го потврди фактот дека тужителот сторил кражба и предизвикал штета на тужениот за да може да се прифати дека е исполнет условот од чл. 82, ст. 1, т. 5 од ЗРО.

Во конкретниот случај се работи за откажување на Договор за вработување без отказен рок поради кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски, па товарот на докажување е на страна на работодавачот – тужениот, бидејќи согласно со Законот за работните односи и Законот за парничната постапка тужениот – работодавачот треба да докаже дека работникот – тужителот ја има сторено повредата која му се става на товар. Видно од списите во предметот, тужениот со ништо не докажал дека има директна одговорност за настанувањето на штетата на кражба на нафта од страна на тужителот, со цел за себе или за друг да прибави имотна корист, како и тоа дека не ги извршувал или несовесно ги извршувал работните обврски, од причина што, воопшто не била извршена контрола на тракторот со којшто ракувал тужителот, ниту пак биле утврдени некакви разлики помеѓу количеството на гориво што било точено во возилото и она што било утврдено во блокчињата, и тоа како на возачот на цистерната, така и на возилото што го должел тужителот М. Д. При контролата во кабината на цистерната од страна на сведокот Б. Н., кој ја извршил контролата на лице место и контролата во цистерната, бил пронајден само список со имиња и со цифри и во тоа се посомневал дека и тужителот работел на тој начин. Меѓутоа, од страна на тужениот не е утврдено од кого е напишан тој список и на лице место ниту еден од вработените, ниту пак тужителот не е фатен дека вршел кражба на нафта.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-633/14
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право