Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-660/15

  • Version
  • Преземи 2
  • Големина на фајлот 825.12 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање октомври 1, 2015
  • Последна промена август 14, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-660/15

„Согласно со чл. 81, ст. 1, т. 10 од ЗРО, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок, особено ако предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата.

Имајќи го предвид (...) и тоа што со предметната Одлука за откажување на договорот за вработување на тужителот му бил даден отказ на договорот за вработување со отказен рок од 30 дена, кое нешто е во согласност со чл. 81 од ЗРО, правилно првостепениот суд заклучил дека тужителот со наведените дејствија сторил тешка повреда на работниот ред и дисциплина од чл. 81, ст. 1, т. 10 од ЗРО, и донел правилна и законита одлука со која го одбил тужбеното барање на тужителот за поништување на предметната одлука.

Притоа, околноста дали на тужителот основано или не му било дадено предупредување за непочитување на работниот ред и дисциплина не е од значење за поинакво одлучување, од причина што во случајот предметната одлука била донесена поради кршење на работниот ред и дисциплина со предизвикување неред и насилничко однесување за време на работата од тужителот, односно поради физичкиот напад од негова страна врз застапникот на тужениот, а не поради неисполнувањето на работните и договорните обврски за да може во конкретната постапка да се цени и испитува дали предупредувањето (...) било основано дадено на тужителот и истото да се смета како претходен услов за откажување на договорот за вработување со отказен рок во смисла на чл. 73 и чл. 80 од ЗРО, дотолку повеќе што предупредувањето било наведено во предметната одлука само како појаснување за однесувањето на тужителот при вршењето на работните обврски и задачи кај тужениот, односно како напоменување дека тужителот и претходно бил предупредуван поради кршењето на работните обврски.

Исто така, тоа што со правосилна одлука во кривична или прекршочна постапка не е утврдена одговорност на тужителот за наведениот настан не е од значење за поинакво одлучување, од причина што за утврдувањето на околностите дали тужителот во случајот со наведените дејствија ја сторил повредата на работниот ред и дисциплина со предизвикување неред и насилничко однесување што претставува основ за откажување на договорот за вработување, не е неопходно да постои правосилна одлука со која ќе биде утврдена одговорност на тужителот за таквиот настан, дотолку повеќе што во постапката се приложени доволни докази од кои произлегува дека тужителот ја сторил повредата поради која која е донесена сега побиваната одлука.

(...) со побиваната одлука на тужителот му било дадено право на приговор до основачот на тужениот како второстепен највисок орган на управување, кој постапувајќи по приговорот со одлуката од 12.6.2014 година ги исправил констатираните технички грешки во правната поука на побиваната одлука и во истата додал нов став со кој го информирал тужителот за неговите права во случај на невработеност, додека во останатиот дел го одбил приговорот и ја потврдил одлуката од 26.5.2014 година.

(...) во ситуација кога со одлуката од 12.6.2014 година биле поправени пропустите и техничките грешки на одлуката од 26.5.2014 година, а по повод приговорот на тужителот, по мислење на Овој суд, побиваната одлука од 26.5.2014 година, која е коригирана со одлуката од 12.6.2014 година, не содржи суштински законски недостатоци кои доведуваат до нејзина ништовност и кои претствуваат основ за нејзино поништување во судска постапка, дотолку повеќе што од содржината на чл. 93 од ЗРО не произлегува дека за второстепениот орган нема законска можност постапувајќи по приговорот, делумно да ја измени одлуката донесена во прв степен по однос на утврдените неправилности кои не се од суштинско значење за донесувањето на приговараната одлука, односно кои не се однесуваат на утврдените дејствија со кои е сторена повреда на работниот ред и дисциплина.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1462/14
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право