- Version
- Преземи 3
- Големина на фајлот 186.70 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 19, 2018
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1084/17
Вообичаена пракса кај работодавачот (тужениот) било неделните планови што се донесени да претрпат одредени измени зависно од потребната комуникација, а сепак преносите на телевизија биле уредни. Од друга страна, во самиот неделен план е наведено дека генерална проба се одржува по потреба, а во случајот режисерот не побарал да се одржи генерална проба. Работникот (тужителот) не одлучувал самостојно дали ќе присуствува на генералната проба или не, ниту пак истиот имал право да одлучува дали ќе има техничка поддршка на генералната проба. Проблемот, како првата фестивалска вечер, така и втората бил со линковите, а за сите тие проблеми работникот благовремено ги известил претпоставените. Без разлика на тоа дали генералната проба се одржала или не, проблемот со линковите можел да се појави и при самиот пренос на фестивалот. Во случајот, работникот како инженер не одлучувал дали ќе има или не генерална проба, туку за тоа одлучувал режисерот.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека за неемитувањата на директниот пренос од фестивалот не постои вина кај работникот, ниту пак истиот предизвикал некаква штета на работодавачот со неемитување на фестивалот. Причина за неемитување на директниот пренос од фестивалот е техничкиот проблем што се јавил со линковите, којшто можел да се појави и при самиот пренос на фестивалот, а не затоа што целата екипа, меѓу кои и тужителот, не ја одржале генералната проба што била предвидена со неделниот план.
Неоснован е и жалбениот навод на работодавачот дека со фактот што не бил емитуван директниот пренос е нанесена штета и е нарушен неговиот углед, од причина што од страна на работодавачот не бил доставен ниту еден доказ дека по вина на работникот истиот претрпел каква било штета, ниту пак донел одлука за висината на претрпената штета.
Поради наведеното, Апелациониот суд Скопје ја потврдил Пресудата на Основниот суд Скопје II С., со која Основниот суд Скопје II С. го усвоил тужбеното барање на тужителот и ја поништил како незаконита Одлуката за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина (...) од 10.1.2014 година, со која на тужителот му е откажан договорот за вработување без отказен рок и го задолжил тужениот да го врати тужителот на работа на работно место што одговара на неговата стручна подготовка.