- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 311.46 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јули 7, 2011
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-752/11
„Правилно нашол првостепениот суд дека со тоа што тужениот немал Колективен договор, ниту пак во некој друг акт немал утврдено мерила и критериуми за структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос во смисла на чл. 13 од Општиот колективен договор во стопанството и мерилата за избор на отпуштања – т. 23 од Препораката 166 на МОТ, како и поради тоа што не било извршено бодирање со ранг-листа на работниците на кои ќе им престане работниот однос, тужениот не ја спровел постапката за технолошки вишок согласно со ЗРО, Општиот колективен договор во стопанството и Препораката 166 од Меѓународната организација на трудот.
Жалбените наводи на тужениот дека тужителката била оценувана и споредувана со друг вработен од истото работно место и дека покажала послаби резултати од тој работник, дека не е битно што било вршено оценувањето само по еден критериум, дека Препораката на МОТ не е облигаторна, дека немало обврска за известување во смисла на чл. 95 од ЗРО со оглед дека се работи за мал број работници на кои им престанал работниот однос, помалку од 5%, се неосновани. Ова од причина што не може работодавачот само врз основа на еден критериум да врши бодирање на работниците на кои им престанал работниот однос од деловни причини. Согласно со чл. 13 од Општиот колективен договор во стопанството предвидено е дека критериумите за структурата на работниците на кои им престанува работниот однос кај работодавачот поради економски, организациони, технолошки, структурални или слични причини – деловни причини се утврдуваат со Колективен договор на ниво на работодавачот. Од ова произлегува дека со Колективниот договор треба да се утврдат повеќе критериуми кои се потребни за бодирање на работниците на кои ќе им престане работниот однос, а не како што сторил тужениот со само еден критериум да изврши оценување на работата на тужителката, и тоа само за последната година. Истото ова е предвидено и со мерилата за избор на отпуштања од т. 23 од Препораката 166 на МОТ. Неосновано е тврдењето дека оваа Препорака е незадолжителна, затоа што и според чл. 12 од ЗРО е предвидено дека при склучувањето и престанување на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.”