Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-949/14

  • Version
  • Преземи 2
  • Големина на фајлот 560.25 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 19, 2015
  • Последна промена август 14, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-949/14

„Во жалбата на тужителот се наведува дека судот пропуштил да утврди дека тужителот не работел два последователни квартали, односно оправдано често отсуствувал од работа, кое нешто е решителен факт за неговото оценување, па бодирањето било извршено спротивно на самите мерила и критериуми, бидејќи тужителот воопшто не можел да биде бодиран и оценуван. Исто така, во жалбата се наведува дека првостепениот суд погрешно го применил чл. 205, ст. 1 од ЗРО и чл. 2 од ОКД за стопанството в.в. со чл. 13 од ОКД и тужениот сам си ги донел критериумите со одлука на раководниот орган, поради што и целата постапка за откажување на договорот за вработување на тужителот била незаконита.

Овој суд ги ценеше жалбените наводи на тужителот, но за истите најде дека се неосновани. Ова од причина што, првостепниот суд врз основа на изведените докази во текот на постапката утврдил дека со Програма за престанување на потребата на работници од деловни причини (...), тужениот имал незадоволителни резултати со завршната сметка за 2012 година и за трите квартали во тековната година, поради што било потребно да се изврши оптимизација на трошоците преку намалување бруто-плати кај тужениот, односно преку намалување на бројот на извршители во секторите и биле утврдени работните места кои требале да се укинат или да се намалат. Бројот на работниците за чија потреба престанала потребата кај тужениот вкупно се намалил за 12 извршители, а две работни места биле укинати. Со одлука за измена на Правилникот за организација и систематизација на работните места кај тужениот (...) од 4.11.2013 година заради деловни причини било утврдено дека работодавачот имал потреба од намалување, односно укинување на 15 работни места предвидени за работна сила согласно со Правилникот за организација и систематизација на работните места кај тужениот, и тоа покрај други во Секторот за продажба – Оддел за продажба во сопствени продавници, на работно место Агент за продажба се намалуваат за 6 извршители и сега бројот на извршители на ова работно место ќе биде 43. Со одлука за утврдување на критериуми и мерила за откажување на договори за вработување од деловни причини (...) од 4.11.2013 година, тужениот според чл. 3, т. 3 од Програмата за престанување на потребата на работници од деловните причини, ги определил критериумите за бодирање на вработените во одделите, односно службите каде ќе се намалел бројот на извршители.

Според тоа, правилно постапил тужениот кога изготвил бодовна листа со резултати од бодирањето (...) од 8.11.2013 година за примена на критериуми за престанок на работен однос поради деловни причини во која биле наведени 49 работници со утврдени бодови за успешност, стаж и вкупно бодови, меѓу кои бил и тужителот заведен под реден број 43 со вкупно 20 бодови со што било потврдено дека тужителот бил прв на табелата меѓу останатите пет најслаби рангирани извршители за секторот на кои им се откажува договорот за вработување.

Врз основа на погоре наведните акти, тужениот донел одлука (...) од 22.11.2013 година за откажување на договорот за вработување од деловни причини на 15 работници на кои треба да им престане работниот однос со откажување на договорот за вработување, меѓу кои и на тужителот заведен под реден број 1. Во одлуката било наведено дека на сите работници на кои им престанува работниот однос ќе им биде исплатена испратнина за времето поминато во работен однос кај работодавачот. Така, тужениот со одлука за откажување на договорот за вработување од деловни причини (...) од 22.11.2013 година на тужителот му го откажал договорот за вработување од деловни причини со отказен рок од еден месец.

Во конкретниот случај, првостепениот суд утврдил дека постапката за прогласување на дел од вработените како технолошки вишок била спроведена во согласност со одредбите од Законот за работните односи и дека одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини на тужителот е правилна и законита, поради што и применувајќи ги одредбите од чл. 76, ст. 1, т. 3, чл. 95 и чл. 97 од Законот за работните односи, потоа тужениот извршил измена на Актот за систематизација на работните места, со која бил намален бројот на извршители на работното место на кое работел тужителот, донел мерила и критериуми за бодирање на работниците иако не бил склучен колективен договор на ниво на работодавач и врз основа на таквите мерила и критериуми ја утврдил структурата на работниците на кои им престанува работниот однос со отказ од деловни причини, како и тоа дека мерилата биле применети за сите вработени транспарентно и објективно.

Овој суд ги ценеше и жалбените наводи на тужителот дека првостепениот суд не се произнел по наводите дека се повредени одредбите од Конвенцијата бр. 158 и Препораката бр. 166 на МОТ за престанок на работниот однос на иницијатива на работодавачот, меѓутоа за истите најде дека не се од влијание во конкретниот случај, од причина што при донесувањето на одлуката за престанок на работниот однос, тужениот постапил во согласност со одредбите од Законот за работните односи, што значи оправдано на тужителот му престанал работниот однос поради намалување на бројот на извршители на работното место на кое работел, а како резултат на спроведената постапка за реорганизација во работењето кај тужениот.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-518/14
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право