- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 435.78 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 13, 2017
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-77/17
„Во жалбата на тужениот се наведува дека првостепениот суд погрешно ги применил одредбите од Законот за работните односи, чл. 5 од Законот за изменување и дополнување на ЗРО со кој се менува чл. 104 од ЗРО, бидејќи истите не можат да се применат во конкретната ситуација со оглед на тоа што тужителот претставува лице кое врши функција за која е избран од страна на Советот на јавни обвинители на РМ, за што Советот носи решение за избор, а не склучува договор за вработување, како што е предвидено со ЗРО.
Овој суд ги ценеше жалбените наводи, но истите ги оцени за неосновани. Ова од причина што и по наоѓање на овој суд, правилно првостепениот суд во конкретниот спор одлучувал со примена на одредбите од чл. 104 од ЗРО и чл. 5 од Законот за изменување и дополнување на ЗРО со кој се менува чл. 104 од ЗРО, кои го регулираат предметното правно прашање.
Имено, видно од содржината на Законот за јавно обвинителство, се утврдува дека нема одредби за остварување право на пензионирање како lex specialis, како што е во Законот за судовите каде е изречно кажано дека судиите се пензионираат со навршени 64 години, па во конкретниот случај ќе се применува Законот за работните односи како lex generalis за прекин на функцијата и работниот однос поради возраст.
Во оваа насока е и извештајот на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија, како единствен орган за толкување на законите, согласно со кој, ако со материјалните закони се уредени условите под кои престанува функцијата на избрани и именувани лица, поради исполнување на услови за старосна пензија, тогаш во тој случај не може да се применува одредбата од чл. 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Сл. в. на РМ”, бр. 113/14), како што е во конкретниот случај во Законот за судовите каде има изречна одредба за старосна граница, возраст од 64 години, додека во Законот за јавно обвинителство нема одредба за старосната граница за пензионирање, што неминовно упатува на примена на Законот за работните односи, каде се дава можност за продолжување на работниот однос со избор и по навршени 64 години старост.
Согласно со горенаведеното, произлегува дека предметната одлука е заснована на материјални прописи кои не можат да се применат во конкретниот случај, и тоа чл. 66, ст. 1 од Законот за јавно обвинителство, којашто одредба е поништена со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.124/08 од 14.1.2009 година и чл. 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој се однесува на осигурениците, а не на работниците.
Ова дотолку повеќе што, тужениот во периодот од стапување во сила на чл. 5 од Законот за изменување и дополнување на ЗРО („Сл. в. на РМ”, бр. 113/14) па сè до донесување на предметната одлука за непродолжување на работен однос (...) од 15.6.2016 година, им го продолжувал работниот однос на јавните обвинители коишто ги исполнувале условите за старосна пензија и коишто поднеле навремена писмена изјава за продолжување на работниот однос за една година согласно со одредбата од чл. 104 од ЗРО.
Оттука, правилно првостепениот суд постапил кога ја поништил како незаконита одлуката на Советот на јавни обвинители на Република Македонија (...) од 15.6.2016 година за непродолжување на работниот однос на тужителот.”