- Version
- Преземи 13
- Големина на фајлот 313.20 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 14, 2018
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-976/18
„(...) првостепениот суд согласно со одредбите од чл. 156, ст. 1 од ЗРО, чл. 141, ст. 1, чл. 142 и чл. 145, ст. 1 од ЗОО утврдил дека за настанување на облигационите односи со причинување штета потребно е кумулативно да бидат исполнети следните услови: постоење на странки, односно штетник и оштетен, штетно дејствие, штета и причинско-последична врска помеѓу преземеното штетно дејствие и причинетата штета.
Имено, во конкретниот случај, од изведените докази во текот на постапката, првостепениот суд правилно оценил дека не била исполнета ниту една претпоставка за да може тужителот да оствари право на надомест на штета, бидејќи од ниту еден доказ во постапката не бил утврден фактот дека тужениот преземал штетно дејствие, кое во конкретниот случај за последица би имало штета, а дотолку повеќе што тужителот не доставил докази од кои би се утврдило дека тужениот преземал штетно дејствие, односно дека тужениот навистина има својство на фактички штетник.
Првостепениот суд при одлучувањето ги ценел исказот на сведокот и вештачењето извршено од Друштвото (...), меѓутоа истиот не ги прифатил, бидејќи од истите не можело на несомнен начин да се утврди дека тужениот е тој што ја причинил штетата, а во конкретниот случај во недостаток на битни, релевантни докази кои тужителот согласно со член 208 од ЗПП, согласно со принципот на товар на докажување, не ги приложил со тужбата, на околноста дека тужениот му причинил штета која произлегува од трошоците направени за сите вработени (дневници, сместувања и теренски додаток), кои биле на работните задачи на објектот на 22.3.2017 година, како и трошоците за интерна проверка на бетонската база, односно за извршена контрола на фактичката состојба на бетонската база во износ од 78.716,00 денари, па правилно оценил дека тужбеното барање на тужителот е неосновано, односно дека тужениот не ја сторил штетата.
Согласно со горенаведеното се јавува како неоснован жалбениот навод на тужителот во кој наведува дека првостепениот суд немал предвид дека одлуката за откажување на договорот за вработување (...) е донесена на 23.3.2017 година што е видно од штембилот, што значи дека е донесена по закажаното, а одложено бетонирање, а не како што прифаќа судот пред денот на закажното бетонирање. Видно од содржината на одлуката за откажување на договорот за вработување, во истата е наведено дека е донесена на ден 23.3.2017 година, но на тужениот му се откажува договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина сметано од 17.3.2017 година, што значи на тужениот му престанал работниот однос на 17.3.2017 година, а не на 22.3.2017 година кога било закажано изведувањето на работите.”