- Version
- Преземи 3
- Големина на фајлот 320.96 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 2, 2010
- Последна промена декември 29, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1288/10
(...) „Првостепениот суд од доказите изведени во текот на постапката, утврдил дека работникот бил вработен кај работодавачот на неопределено со договор за вработување, на работно место референт за платен промет. Според член 5 од договорот, работникот помеѓу другото се обврзал да ги почитува општите и поединечните акти, наредби, упатства и одлуки работодавачот како и да се придржува кон дадените овластувања, да не ги злоупотребува и пречекорува. Работникот никогаш не бил предупреден од своите претпоставени дека не смее да ги става на располагање на увид и да предава документи со кои располага при извршувањето на неговите работни задачи на работниците од истата служба односно на неговиот колега. Од друга страна на работникот му било познато дека колегата работи во истата служба, истиот слободно се движел во канцелариите на вработените, постојано располагал со разни документи, а со работникот работеле во иста служба со ист раководител. Критичниот ден кога работникот вршел копирање на документите-изводи од банка поминал колегата и сам си ги земал документите од тужителот, ги копирал истите кажувајќи му дека се потребни за неговата работа. Работникот немал основ да се посомнева во овластувањето на колегата дека ги поседува тие документи бидејќи претходно никој не го предупредил дека изводите од банка не смее да му ги става на располагање на својот колега. Со работењето на работникот не му била причинета материјална штетана работодавачот, а тужителот не сторил повреди на работните обврски и кршење на работниот ред и дисциплина за кои би можело да му се откаже договорот за вработување без отказен рок. При вака утврдена фактичка состојба првостепениот суд го усвоил тужбеното барање на работникот ценејќи дека нема несовесност во неговото работење бидејќи истиот се придржувал кон дадените овластувања и не ги злоупотребил и пречекорил. Па иако податоците во изводите од банка според карактерот се деловна тајна, на работникот не му било познато дека овие документи се сметааат за деловна тајна кај работодавачот, односно дека истите не може да ги поседува неговиот колега кој работел во истата служба, затоа што работодавачот тоа не го уредил со посебен акт, ниту на работникот му појаснил како да постапува со тие документи и изричито да му каже дека не може да ги стори достапни и за другите вработени во сметководството без одобрение на неговиот претпоставен. По оценка на второстепениот суд, наведените заклучоци на првостепениот суд не произлегуваат и не коренспондираат со изведените докази. Имено, во одредбата од член 5 од договорот за вработување на работникот предвидено е дека истиот се обврзува да ги извршува обврските што произлегуваат од Законот за работните односи, законските и други прописи, колективните договори и акти на работодавецот, а особено не смее да ги користи за своја сопствена употреба или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на работодавецот.
Во конкретниот случај имајќи во предвид дека податоците содржани во финансиската документација се деловна тајна, а согласно член 5 од договорот за вработување работникот не смее да ги користи за своја сопствена употреба или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на работодавецот, неосновани се тврдењата на работникот дека не бил известен и не му било познато дека ваквите податоци не смее да ги дава и на останатите вработени. Во услови кога работникот постапил спротивно на погоре наведената одредба, второстепениот суд оцени дека одлуката за откажување на договорот за вработување е правилна.”