Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-799/14

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 652.77 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање октомври 7, 2015
  • Последна промена август 5, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-799/14

„(...) По наоѓање на овој суд, видно од содржината на одлуката за откажување на договорот за вработување погрешен е заклучокот на првостепениот суд дека во одлуката не бил наведен основот за нејзиното донесување, и дека истата не содржи образложение, кога видно од содржината на спорната одлука во истата е наведено дека одлуката е донесена врз основа на чл. 76, ст. 1, т. 1 од ЗРО и дисциплинските прописи на тужениот, истата има образложение во смисла на тоа дека во истата е наведен денот, начинот, со кои дејствија работникот сторил повреда на работниот ред и дисциплина, наведено е дека тужителот постапил спротивно на чл. 30 од ЗРО каде е предвидено дека работникот е должен совесно да постапува, да ја извршува работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, во време и на место, кои се определени за извршување на работата, да ја почитува организацијата на работата и деловната активност на работодавачот па врз основа на дисиплинските прописи на тужениот со тоа што не се придржувал кон важечките прописи за работното место претставува основ за откажување на договорот за вработување, во одлуката исто така има наведено правна поука дека работникот има право на приговор до овластените лица на друштвото и дека на работникот му се откажува договорот за вработување и по престанокот на работниот однос се стекнува со статус на невработено лице и своите понатамошни права може да ги оствари согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. (...)

Со оглед на тоа дека во конкретниот случај се работи за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина со отказен рок, и во оваа смисла битно е дали тужителот како работник ја сторил повредата која му се става на товар, односно дали тужителот совесно ја извршувал работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, односно дали истиот постапил согласно процедурата за преглед на патници и кабински багаж и согласно со Дисциплинските прописи на тужениот.

Во ситуација како во конкретниот случај кога првостепениот суд утврдил дека тужителот по однос на „првата патничка” иако му биле познати работните обврски од неговото работно место, како и процедурите за преглед на патници и кабински багаж, истиот не постапил по предвидените процедури и ја пропуштил без да ѝ изврши физички преглед да помине преку метал детект врата, иако метал-детекторската врата дала аларм за постоење на метален предмет во телото на патникот, бидејќи пред да помине се поздравила со колегата која бил на утовар, по што помислил дека му е роднина, на кој начин истиот не открил и не спречил потенцијално опасни предмети да бидат пренесени во контролираните простории на Аеродромот, по наоѓање на овој суд тужителот несовесно ја извршувал својата работата и не се придржувал кон важечките прописи за работното место, поради што тужениот имал основ за донесување на одлуката за откажување на договорот за вработување.

Во оваа насока, овој суд наоѓа дека по однос на дадените напатствија од страна на Апелациониот суд Скопје и тоа дали тужителот постапил согласно со процедурата за преглед на патници и кабински багаж и согласно со Дисциплинските прописи на тужениот, првостепениот суд утврдил дека со тоа што тужениот поставил само 4 работници, а не 5 работници со што според судот не биле исполнети елементарните услови за извршување на редовните работни задачи па заклучил дека тужениот постапил спротивно на процедурата за преглед на патници и кабински багаж бр.04-1374/11 од 30.12.2011 година, па извел погрешен заклучок дека отказот е незаконит. Ова од причина што вакви напатствија не биле дадени од страна на Апелациониот суд ниту вака изведениот заклучок е предмет на тужбено барање.

Согласно со горенаведеното, а како се работи за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина со отказен рок, и во оваа смисла битно е дали тужителот како работник ја сторил повредата која му се става на товар, односно дали тужителот совесно ја извршувал работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, во услови кога на работникот – тужителот му биле познати обврските од работното место и процедурата за преглед на патници и кабински багаж, но истиот свесно не се придржувал кон процедурата за преглед на патници и кабински багаж и кон работните обврски, по наоѓање на овој суд постои вина од страна на тужителот, односно постои основана причина за отказ.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-797/15
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право