Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1496/17

  • Version
  • Преземи 7
  • Големина на фајлот 523.02 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јануари 17, 2019
  • Последна промена август 5, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1496/17

„(...) правилно првостепениот суд одлучил кога го поништил како незаконито решението бр. (...) од 22.06.2015 година донесено од управителот на тужениот со кое на тужителот, вработен на неопределено време на работно место координатор му се откажува договорот за вработување по истекот на 30 дена сметано од денот на приемот на истото поради кршење на работниот ред и дисциплина и работните обврски од чл. 81, ст. 1, т. 1, 2 и 10 од Законот за работните односи со отказен рок.

Во конкретниот случај, првостепениот суд правилно оценил дека тужениот не докажал дека тужителот со своето однесување не го почитувал работниот ред и дисциплина според пропишаните правила што би го оправдал изречениот отказ на договорот за вработување.

Согласно членот 208 од ЗПП, ако судот не може врз основа на изведените докази (член 8) со сигурност да утврди некој факт, за постоењето на фактот ќе заклучи со примена на правилата за товарот на докажување.

Според членот 205, став 1 од ЗПП, секоја странка е должна да ги изнесе фактите и да предложи докази врз кои го заснова своето барање или со кои ги побива наводите и доказите на противникот.

Горното значи дека повредата на правилата за товарот на докажување е од материјалноправна, а не од процесноправна природа, дека страната која не ќе ги докаже фактите во врска со тужбеното барање сноси ризик да го изгуби спорот. Според состојбата на списите во предметот, тужениот во текот на постапката, не предложил ниту еден доказ со кој би ги поткрепил своите тврдења во текот на постапката и во жалбата, односно не докажал дека тужителот ја сторил повредата предвидена во чл. 81, ст. 1, т. 1 и т. 10 од ЗРО, како и во оспореното решение не било наведено времето на сторувањето на повредата, ниту пак извршеното дејствие за кое се товари тужителот.

Во текот на постапката, тужениот не доставил доказ – Правила за работниот ред и дисциплина на работодавачот Л. ДООЕЛ С. како би се утврдил работниот ред и дисциплина за вработените кај тужениот, а од кои ќе може да се цени евентуалното кршење на работниот ред и дисциплина. Исто така, тужениот не ја доставил писмената Наредба бр. (...) од 23.09.2014 година, иако истата се наведува во оспореното решение, од која судот би можел да утврди дали истата е донесена од Управителот, нејзината содржина, дали во Наредбата се утврдува дека непочитување на истата и постапувањето спротивно на Наредбата претставува кршење на работниот ред и дисциплина, ниту бил доставен доказ кој се однесува на околноста дали вработените биле запознати со нејзината содржина. Според тоа, не може со сигурност да се утврди дали тужителот бил запознат со оваа наредба, дали ја почитувал истата, односно тужениот не докажал дека тужителот користел лични средства, односно лаптоп компјутер на кој извршувал други работи, а не работните задачи кои му ги доверил работодавачот, со што директно и грубо ја прекршил работната дисциплина и го довел во опасност здравјето на вработените заради можност од настанување на електродефекти, дека го загрозил процесот на работењето со создавање можност од навлегување на „вируси” користејќи личен лаптоп за свои потреби и дека за само една работна недела потрошил 30 гигабајти интернет и дека со тоа го оневозможил работењето на работодавачот, доведувајќи ги останатите вработени кои во процесот на работата користат интернет во состојба да не можат да ги извршуваат работните задачи.

Тужениот со одговорот на тужбата го доставил предупредувањето од 22.10.2014 година, меѓутоа правилно првостепениот суд констатирал дека истото нема деловоден број, не е заведено во главната деловодна книга на тужениот, нема печат и потпис од Управителот на тужениот, па со оглед на тоа не може ни да се утврди дека тужителот бил запознат со истото и дека бил предупреден за повторно кршење на работниот ред и дисциплина и неисполнување на работните обврски утврдени со договорот за вработување, како и судот ги ценел писмените изјави од вработените кај тужениот доставени како доказ, меѓутоа правилно судот констатирал дека тие изјави се воопштени, со иста или слична содржина, без да се наведат конкретни денови и од кого тужителот бил затекнат во работната просторија, дека за работното време користел електрични и електронски уреди и лаптоп компјутер за свои потреби, а не за извршување на работните задачи согласно описот и пописот на работното место координатор.

Во конкретниот случај, првостепениот суд правилно утврдил дека тужителот не сторил повреда на чл. 81, ст. 1, т. 2 од ЗРО, односно во своето работење со доверените работи и задачи постапил несовесно и ненавремено ги извршувал обврските и дека во описот на работните задачи за работното место координатор не биле предвидени работни задачи за спроведување на постапките за јавни набавки кај тужениот, ниту пак бил склучен анекс за доверување на работи поврзани со спроведување на постапка за јавни набавки, како и не е доставена ревизија заради утврдување на нерегуларности на постапките за јавни набавки во 2013 година кај тужениот.

Исто така, првостепениот суд правилно нашол дека во образложението на оспореното Решение, тужениот спротивно на Законот за работни односи не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот по чл. 81, ст. 1, т. 10 од ЗРО и истата не ја навел во образложението, односно дека на ден 11.02.2015 година тужителот недолично и непристојно се однесувал кон сите присутни работници упатувајќи заканувачки, погрдни и навредливи зборови, на начин што ги навредувал, ги омаловажувал, им се заканувал и им се обраќал на дрзок и безобразен начин и со тоа предизвикал вознемиреност кај вработените и ги спречил во извршувањето на нивните редовни работни задачи, на одржаниот состанок во ЈП (...) во месец февруари 2015 година, работникот предизвикал неред и го нарушил текот на состанокот со тоа што пред сите присутни меѓу кои и Г. Б. упатувал зборови со навредлива содржина на управителот на тужениот со што го нарушил угледот на управителот на работодавачот и воедно го оневозможил нормалниот тек на состанокот и на дискусиите, а тужениот не навел, ниту опишал со кои конкретни дејствија и точно изречени погрдни зборови, тужителот на критичниот ден 11.02.2015 година го прекршил работниот ред и дисциплина и предвизвикал неред и насилнички се однесувал на своето работно место, кое нешто судот го утврдил и од исказот на тужителот дека тужителот не предизвикал неред и насилничко однесување на ден 11.02.2015 година.

(...) Првостепениот суд го ценел и исказот на овластеното лице на тужениот, меѓутоа не можел да утврди дека на ден 11.05.2015 година тужителот извршил дејствие и на кој начин го извршил дејствието, кои погрдни зборови се упатени кон Управителот на тужениот со што предизвикал неред и насилнички се однесувал за време на работа.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-825/18
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право