Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1567/09

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 331.32 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 13, 2010
  • Последна промена август 5, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1567/09

„(...) првостепениот суд правилно оценил дека со тоа што со оспорената одлука било наведено дека на тужителката ѝ престанува работниот однос, односно ѝ се откажува договорот за вработување заклучно со 03.11.2008 година, а поради отсуство од работа почнувајќи од 01.11.2008 година, а во оваа одлука не се наведени деновите во кои тужителката неоправдано изостанувала од работа ниту, пак, иако отказот е заклучно со 03.11.2008 година има неоправдано отсуство од 3 последователни работни дена во периодот од 01.11.2008 година до 03.11.2008 година, затоа што 01 и 02.11.2008 година се неработни денови (сабота и недела), не се исполнети условите утврдени со одредбата од членот 82, став 1, точка 1 од Законот за работните односи за откажување на договорот за вработување на тужителката, поради што и правилно одлучил кога усвојувајќи го тужбеното барање на тужителката ја поништил одлуката на тужениот број 04-7951/2 од 03.12.2008 година и го задолжил тужениот да ја врати тужителката на работа на работно место соодветно на нејзината стручна подготовка и работно искуство.

Овој суд ги ценеше и жалбените наводи на тужениот дека првостепениот суд погрешно утврдил дека тужбата на тужителката е благовремена затоа што по поднесениот приговор од тужителката до Управниот одбор на тужениот на 10.12.2008 година и 11.12.2008 година, Управниот одбор од денот на приемот на приговорот во наредните 8 дена не се произнел по истиот, а тоа било до 18.12.2008 година, па тужителката требала во наредниот период од 19.12.2008 година до 02.01.2009 година да поднесе тужба, односно да поведе судски спор. Со тоа што тужителката предметната тужба ја поднела на 05.01.2009 година произлегувало дека е поднесена по истекот на законскиот рок и требало да биде отфрлена како ненавремена.

Овие наводи се неосновани од причина што и по оценка на овој суд тужбата тужителката ја поднела во законскиот рок затоа што Управниот одбор на тужениот по приговорот на тужителката од 11.12.2008 година имал обврска да одлучи најкасно до 19.12.2009 година. Со тоа што Управниот одбор не одлучил во овој рок по приговорот на тужителката, тужителката имала право во наредниот рок од 15 дена да бара судска заштита. Последен ден од овој рок е 03.01.2009 година, кој е неработен ден сабота. Како, пак, тужителката тужбата ја поднела на 05.01.2009 година што значи наредниот прв работен ден во кој истекува законскиот рок од 15 дена, истата е навремено поднесена, што впрочем правилно утврдил и првостепениот суд.

Неосновани се и жалбените наводи на тужениот дека со тоа што тужителката неоправдано и ненавремено го доставила боледувањето неоправдано отсуствувала од работа во периодот од 29.09. до 10.10.2008 година и од 15.10.2008 до 29.10.2008 година што можело да се види и од конечниот извештај од извршена контрола на боледување број 05-11660 од Фондот за здравство на Република Македонија, истата неоправдано отсуствувала од работа во подолг временски период и затоа во изреката на одлуката ѝ бил откажан договорот за вработување заклучно со 03.11.2008 година, употребувајќи ја притоа квалификацијата од законот заради неоправдано изостанување од работа три последователни работни дена. Ова од причина што во одлуката за откажување на договорот за вработување не само што не се наведени деновите за неоправдано отсуство од работа на тужителката, туку во образложението на истото како неоправдано отсуство од работа е наведен периодот почнувајќи од 01.11.2008 година, а во изреката заклучно со 03.11.2008 година, а не дека неоправдано отсустувала од работа во периодот за кој наводно тужителката ненавремено доставила боледување за периодот од 29.09. до 10.10.2008 година и за периодот од 15.10. до 29.10.2008 година.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-2077/09
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право