Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-410/14

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 529.82 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 26, 2014
  • Последна промена август 5, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-410/14

„(...) на тужителот му е откажан договорот за вработување поради кршење на работната дисциплина на начин што постапил спротивно на правилата и прописите на Министерството и извршил дејствие што претставува кривично дело, по чл. 207, ст. 1, т. 8 и 15 од КД на МВР, а в. в. со чл. 141, ст. 1, т. 8 и 15 од Законот за внатрешни работи, а не поради сторување на кривично дело злоупотреба на безвизниот режим со државните членки на Европската унија и Шенгенскиот договор по чл. 418-д, ст. 3 в. в. со ст. 1, в. в. со чл. 22, злоупотреба на службена положба и овластување по чл. 353, ст. 1 и примање поткуп по чл. 357, ст. 1 од КЗ на РМ поради што е покрената кривичната постапка. Постапката за поништување на одлука за откажување на договорот за вработување и кривичната постапка се две одделни и посебни постапки, па судот е должен да ја испитува законитоста на одлуката за откажување на договорот за вработување, да ги утврди причините за откажување на договорот за вработување дали се основани или не, односно да утврди дали тужителот ги сторил повредите од работната дисциплина од работното место за кое има склучено договор за вработување со тужениот кои му се ставаат на товар.

(...) тужениот пред донесување на спорното решение, утврдил со сигурност, кога точно и со кои дејствија, тужителот сторил кршење на работната дисциплина. Во образложението на спорното решение е наведено дека на критичниот ден 23.10.2012 година на ГП Табановце при излез од РМ за определен паричен надоместок им овозможил излез од РМ на 7 полнолетни и две малолетни лица без тоа да биде евидентирано од подрачјето на Прилеп, Битола, Кочани и Виница кои требало да заминат за Германија да бараат азил. Критичниот ден лицата Н. А., Џ. А., двајцата од Кочани и Д. А. од Куманово за одреден паричен износ по претходниот договор организирале, ги превезувале и засолниле лицата со цел истите да заминат во Минхен, Р. Германија каде требало да бараат азил. За таа цел Н. А. му дал 400 евра на Д. А. кој со помош на тужителот требало да им овозможи излез од Р. Македонија на потенцијалните баратели на азил без притоа истите да бидат евидентирани. Лицето Д. А. најпрво ги прифатил лицата и времено ги засолнил во својата куќа, обезбедил две патнички возила за превоз од Куманово преку ГП Табановце до одредена локација во Р. Србија, каде истите би биле прифатени и превезувани со друго возило од страна на лицето Џ. А. По целосно расчистување на случајот од страна на Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, против полицискиот службеник, сега тужителот И. И. е поднесена кривична пријава. Со наведените дејствија тужителот постапил спротивно на Законот за полиција, Законот за внатрешни работи, Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници и Кодексот на полициска етика, поради што истиот ја прекршил работната дисциплина од чл. 207, ст. 1, т. 8 и 15 од КД на МВР и чл. 208, 212, 221, 236, 237 и 242 од КД на МВР.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-310/14
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право