- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 359.13 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 8, 2010
- Последна промена август 6, 2023
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1794/09
„(...) одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини бр.02-08/333 од 26.11.2008 година е донесена согласно чл. 97 од ЗРО, Одлуката за престанокот на работниот однос на работници од деловни причини број 4001-02-04/04-01 од 03.01.2008 година и чл. 219 од КД на тужениот. Во конкретниот случај, вака донесената одлука е донесена согласно ЗРО поради постоење на деловни причини (економски, организациони, технолошки, структурални или слични промени). Имено, согласно чл. 76, ст. 1, т. 3 од ЗРО, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако престанала потребата од вршење на определени работи под услови утврдени во договорот за вработување заради деловни причини. Притоа, тужениот донел Програма за воведување на економски-структурални и слични промени и решавање на правата на работниците со која се утврдува потребата од воведување на економски-структурални и слични промени со предлог за решавање на правата на работниците за чија потреба престанала потребата во (...) АД Скопје, односно со која било утврдено дека ќе нема потреба од работниците во Одделението - машинско одржување со што ова одделение се укинува, а потоа донел одлука бр.02-02/103 од 10.12.2007 година со која се укинува работното место - бравар во одделението Машинско одржување. Според тоа, произлегува дека кај тужениот била утврдена потребата од воведување на деловните причини кои се резултат на целокупното економско финансиско работење на друштвото во последните години, како и неповолните финансиски резултати од работењето поради што тужениот не можел редовно да ги измирува обврските од работењето, како и од причина што за одредени работни места поради процесот на работење се појавила потреба од нивно укинување. Поради тоа, било утврдено дека со воведувањето на економски-структурални и слични промени кај тужениот ќе престане потребата од работа на одредени делови кај тужениот заради што било одлучено да се укине работното место - бравар во одделението Машинско одржување. Исто така, во случајов тужениот извршил бодирање на сите вработени во наведеното одделение, при што тужителот добил најмал број на бодови - 50 бода. Освен тоа, согласно одредбата од чл. 95, ст. 1 од ЗРО, работодавачот е должен за намерата за престанок на работниот однос на поголем број работници, причините за престанување на потребите од работа на работниците, за предвидениот број и категорија на вишок на работници и за предвидениот рок во кој ќе престане потребата од работа на работниците, да го извести репрезентативниот синдикат. Меѓутоа, во конкретниот случај, работниот однос поради деловни причини му престанал само на тужителот, а останатите работници во одделението за машинско одржување биле распоредени на други работни места, што значи дека тужениот немал законска обврска за известување на репрезентативниот синдикат, а со тоа нема обврска да го извести тужениот 6 месеци пред да настапи престанокот на работниот однос.”