- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 323.46 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 10, 2014
- Последна промена август 6, 2023
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-645/14
„(...) тужениот донел одлука за отказ на договорот за вработување од деловни причини бр.685/12 од 27.12.2012 година, со која на тужителката ѝ престанува работниот однос од деловни причини, повикувајќи се на одредбите од чл. 71 и 76 од ЗРО. Меѓутоа, во конкретниот случај тужениот не ги запазил сите законски услови предвидени во ЗРО, во случајот за донесување на одлуката за престанок на работниот однос поради што правилно судот го усвоил тужбеното барање на тужителката и го задолжил тужениот да ја врати тужителката на работа и да ја распореди на работно место соодветно на нејзината стручна подготовка.
Имено, се работи за откажување на договорот за вработување поради деловни причини па согласно со чл. 72 од ЗРО, ако работодавачот го откажува договорот за вработување, е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот и да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот, а согласно со чл. 74 од ЗРО, отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма, работодавачот е должен писмено да го образложи откажувањето на договорот, како и да му укаже на работникот на правната заштита и да го запознае со неговите права од осигурување во случај на невработеност, согласно со закон.
Според горецитираните законски одредби произлегува дека кога работодавачот го откажува договорот за вработување во својата одлука е должен да го наведе основот за откажување на договорот за вработување и во истата да го образложи откажувањето на договорот за вработување, односно да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот. Видно од содржината на одлуката, истата нема образложение на основот и причините за откажување на договорот за вработување кое го оправдува отказот кое нешто е од суштествено значење при давањето на отказот, односно изнесените причини со одлуката дека се дава престанок на работниот однос поради состојбата на македонскиот здравствен пазар, намалување на цените на лекови, немање нови надоместоци и слично, како и намалување на продажбата на целокупниот асортиман на Баер во Македонија, не е доволна причина за образложение за дадениот отказ за да му се прифати дека одлуката е законита. Ова дотолку повеќе што во конкретниот случај тужениот како работодавач пред донесувањето на одлуката за давање отказ од работа од деловни причини на тужителката воопшто не ги имал предвид и не применил критериуми и мерила, односно не ја спровел законито постапката за отказ од деловни причини.”