- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 380.94 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 18, 2012
- Последна промена август 6, 2023
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1001/11
„На седницата одржана на 16.07.2010 година на училишниот одбор, била формирана комисија за рангирање на работници за технолошки вишок поради економски, технолошки, структурални и слични промени, а по претходно информирање од директорот од потребата за намалување на бројот на работници – наставници по предметот хемија.
За потребата и појавата за целосен технолошки вишок на 1 проф. по хемија со писмено известување од 30.07.2010 година бил известен и претседателот на основната организација на СОНК кај тужениот. За потребата од намалување на наставниците по предметот хемија поради намалување на бројот на учениците и паралелките биле известени и вработените кај тужениот, а проф. по хемија биле задолжени да достават податоци за економско-социјалната состојба за да би можела комисијата да го спроведе бодирањето за утврдување на приоритет за задржување на работното место проф. по хемија.
Комисијата за рангирање и бодирање извршила бодирање на тројца проф. по хемија и составила ранг-листа бр.04-318/2 од 12.08.2010 година согласно критериумите од чл. 68 од Колективниот договор за средно образование врз основа на која тужителката добила најмал број на бодови односно 49.70 бода во однос на останатите бодирани професори.
Врз основа на оваа ранг-листа тужениот донел одлука за прогласување на работник за технолошки вишок бр.02-326/1 од 12.08.2010 година со која било одлучено на тужителката проф. по хемија да ѝ престане работниот однос сметано од 12.09.2010 година поради намалување на паралелките во учебната 2010/11 година.
По добивањето на оваа одлука тужителката поднела приговор до училишниот одбор на тужениот кој со одлука бр.02-355/1 од 03.09.2010 година го одбил како неоснован. Со известие бр.04-360/1 од 07.09.2010 година тужениот ја известил тужителката дека договорот за вработување бр.04-566 од 12.11.2009 година ѝ се откажува согласно причините наведени во одлуката бр.02-326/1 од 12.08.2010 година и дека ѝ следува испратнина.
Директорот на тужениот на 18.08.2010 година донел решение заведено под бр.02-236/2 за распоредување на наставници и распределба на наставни часови на наставниците во учебната 2010/11 година, според кое решение предметот актив по хемија и сродни предмети со практична настава го распределил на професорите И. П. 20 часа предметот хемија, Т. Ј. 14,5 часа – хемија, физичка хемија и аналитичка хемија и Н. Г. 20 часа – хемија, аналитичка хемија и анализа на храна.
При вака утврдена фактичка положба првостепениот суд оценил дека тужениот спровел законита постапка за прогласување на тужителката за тех. вишок, односно дека постапката ја спровел согласно Законот за работни односи – чл. 76, ст. 1, т. 3, чл. 86 и согласно Колективниот договор за средно образование – чл. 65, 66, 70 и 72, поради што и одлучил тужбеното барање на тужителката да го одбие како неосновано.
(...) начинот на распределбата кој од четворицата професори по хемија кој предмет ќе го предава бил таков што на почетокот на учебната година професорите по хемија меѓусебно се договарале, а потоа директорот прифаќајќи го нивниот договор го правел распоредот во почетокот на секоја учебна година.
(...) без оглед на тоа во кој смер е намален бројот на паралелките со тоа што 4-рица наставници вршеле настава по предметот хемија за кој засновале работен однос кај тужениот, распоредот кој од нив во тековната учебна година кој наставен предмет ќе го предава, поради намалувањето на бројот на паралелките и потребата од намалување на бројот на наставници без оглед на тоа кој од професорите по хемија кој наставен предмет го предава се во рамноправна положба и зависно од тоа кој од нив има најмал број на бодови е во приоритет во однос на останатите професори по хемија да му престане работниот однос по основ на технолошки вишок.
Неосновани се и жалбените наводи на тужителката дека првостепениот суд погрешно утврдил дека тужителката правилно била бодирана по сите основи утврдени со колективниот договор за средно образование и дека тужениот спровел законита постапка при донесувањето на одлуката за технолошки вишок затоа што тужениот пропуштил да ѝ понуди на тужителката нов договор за работа, вработување кај друг работодавач без огласување, ниту пак донел одлука за распоредување од причина што тужениот и немал можност тужителката да ја распореди на друго работно место соодветно на нејзината стручна подготовка, туку ѝ обезбедил право на испратнина. Тоа што испратнината не ѝ била исплатена при престанокот на работниот однос не може да биде основ за поништување на одлуката за прогласување на тужителката за технолошки вишок и за престанување на работниот однос поради економски, структурални и слични промени, туку основа за поведување на спор во кој ќе го оствари утврденото право на испратнина од страна на тужениот.”