- Version
- Преземи 14
- Големина на фајлот 475.26 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јули 8, 2020
- Последна промена август 6, 2023
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-499/20
„(...) по наоѓање на овој суд, правилно првостепениот суд го применил материјалното право кога го одбил тужбеното барање на тужителката опишано како во изреката на обжалената пресуда, наоѓајќи дека во услови кога поради деловни причини, односно спроведување на дигитализација на работниот процес, со што работните задачи кои ги извршувала тужителката како заменик раководител на склад во иднина ќе бидат извршувани со помош на компјутерски програм, престанала потребата на работното место Заменик раководител на склад, и истото било укинато од страна на тужениот, кој донел Одлука за откажување на договори за вработување од деловни причини број (...) од 25.02.2019 година, и Решение за откажување на договор за вработување од деловни причини број (...) од 25.02.2019 година, со кое на тужителката вработена кај тужениот на неопределено време ѝ бил откажан договорот за вработување поради деловни причини, односно поради укинување на работно место „заменик раководител на склад” во Правилникот за организација и систематизација на работните места при тужениот, поради што правилно нашол првостепениот суд дека Решението за откажување на договор за вработување од деловни причини број (...) од 25.02.2019 година и Одлуката за откажување на договори за вработување од деловни причини број (...) од 25.02.2019 година, се законити.
(…) во конкретниот случај до укинувањето на работните места кај тужениот, меѓу кои и на работното место на тужителката, дошло поради деловни причини, односно од Спецификација за програма за задолжителна законска евиденција број (...) од 25.09.2018 година, видно е дека тужениот воведувал дигитализација на работниот процес во областа во која делувала тужителката како заменик раководител на склад. Видно од Договор за вработување од 01.08.2012 година и анекс од 03.03.2017 година, првостепениот суд правилно го утврдил работното место на кое била вработена тужителката, а од Правилникот за организација и систематизација, заведен под број (...) од 16.02.2018 година, произлегуваат работните задачи кои тужителката ги извршувала кај тужениот согласно нејзиното работно место. Имено, од Правилник за организација и систематизација, заведен под број (...) од 19.12.2018 година, се утврди дека работното место на тужителката – заменик раководител на склад не постои веќе во системетатизација на тужениот. Истиот е донесен врз основа на Одлука за измена на Правилникот за организација и систематизација на работните места во АТ М. ДООЕЛ М. И., заведен под број (...) од 16.02.2018 година. Предвид наведеното, произлегува дека поради воведувањето на конкретниот компјутерски програм престанала потребата од извршување на задачите, кои биле составен дел на работните задачи предвидени со поранешната систематизација на тужениот, од страна на вработени, бидејќи истите ќе бидат спроведени компјутерски. Оттука овој суд се согласува со првостепениот суд дека оваа околност претставувала деловна причина поради која ѝ е откажан договорот за вработување на тужителката. Притоа тужениот ја почитувал постапката и постапил во согласност со чл. 72 од Законот за работни односи, односно видно од одлуката со која на тужителката ѝ се откажува договорот за вработување, истата содржи образложение во кое е наведен основот за отказ, како и основаноста на причината која го оправдува отказот. По однос, пак, на околноста зошто тужениот не ја прераспоредил тужителката на друго работно место, како што сторил со нејзиниот колега кој поради истите причини како и тужителката добил отказ од страна на тужениот, овој суд се согласува со првостепениот суд дека тужениот во смисла на чл. 96 од ЗРО, неспорно имал можност пред откажувањето на договорот за вработување од деловни причини на тужителката да ѝ понуди вработување кај друг работодавач без огласување, со преземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на нејзината стручна подготовка, односно квалификација или стручно оспособување (обука, преквалификација или доквалификација за работи кај истиот или кај друг работодавач) или нов договор за вработување, меѓутоа согласно поставеноста на законската одредба, истиот не бил обврзан тужителката да ја распореди на друго работно место.”