Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-869/17

  • Version
  • Преземи 2
  • Големина на фајлот 593.97 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 29, 2017
  • Последна промена август 6, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-869/17

„(...) видно од содржината на договорот за вработување, а како што утврдил и првостепениот суд, во делот на обврски на работникот е наведено само дека работникот ги прифаќа обврските дека ќе се придржува кон дадените овластувања и истите нема да ги злоупотребува и пречекорува, ќе ги почитува општите и поединечните акти и наредби, упатства и одлуки на работодавачот, непосредниот раководител и органи на управување, работите ќе ги обавува совесно, навремено и квалитетно, а средствата за работа ќе ги користи економично, целесообразно и одговорно и ќе остварува позитивни резултати во работата, без при тоа да се конкретизираат кои се тие овластувања, односно кои се дадените овластувања, а опишани во договорот кои го пречекорил тужениот па поради тоа сноси одговорност за надомест на предметната штета.

Имено, по наоѓање на овој суд, за да може да се сноси одговорност за надомест на штета по основ на пречекорено овластување прифатен со договор за вработување, како што во конкретниот случај заклучил првостепениот суд, потребно е овластувањето да е предвидено во договорот за вработување и тоа точно определено во утврдени рамки, па за евентуално негово пречекорување, треба да е предвидено материјална одговорност која би ја сносел тој што ќе го пречекори таквото дадено, односно прифатено овластување, а кое нешто не произлегува од предметниот договор за вработување, како што прифаќа и заклучува првостепениот суд.

(...) По наоѓање на овој суд, за да има материјална одговорност од страна на работникот, покрај друго, потребно е работодавачот да има спроведено постапка за утврдување на штета сторена во врска со работењето на работникот во Друштвото, во која постапка би требало да се утврди одговорноста на тужениот за сторената штета и степенот на вина, како и да се утврди висината на сторената штета, па тужителот како работодавач да донесе одлука за надомест на штета во врска со работењето кај тужителот со која би го задолжил тужениот да му ја надомести истата во износ од 348.531,00 денари, за да може да се прифати дека дејствијата кои му се ставаат на товар на тужениот се направени така како што прифаќа првостепениот суд.

Наведеното, дотолку повеќе што првостепениот суд прифаќа дека тужениот е одговорен за предметната штета бидејќи начинот на кој постапил, а тоа е дека количината на источеното гориво за потребите на агрегатот е поголема од количината источена на истиот начин од страна на останатите вработени, а за кој заклучок нема утврдено таква фактичка состојба во смисла кои се тие вработени, колку литри гориво источиле, во кој период, со какви опишани овластувања биле истите и сл. за да може да се потврди, односно прифати таквиот заклучок на првостепениот суд.

Исто така, првостепениот суд прифатил дека пречекорувањето на овластувањата на тужениот како работник произлегува и од фактот што, наведената количина на гориво, источена како потребна за агрегатот, покрај што е драстично поголема од количината источена на истиот начин од страна на останатите вработени кај тужениот, поради што, судот заклучил дека тужителот основано се посомневал дека тужениот источеното гориво го присвојувал, односно го продавал за свои потреби, а го пријавувал како гориво за агрегатот, кој заклучок воопшто не содејствува со утврдената фактичка состојба, со оглед да по однос на оваа околност судот единствено утврдил дека тужениот поднел кривична пријава, за која не утврдил дека има правосилен негативен исход за тужениот, од каде би можело да се прифати и потврди таквиот заклучок на судот дека тужениот горивото го присвојувал и го продавал за свои потреби.

Заклучокот на првостепениот суд дека тужениот постапувајќи на начин што во 2014 година источил 5.345,77 литри гориво која количина не наоѓа поткрепа во просечната потрошувачка на агрегатот утврдена од страна на тужителот, а која просечна потрошувачка на гориво се однесува на период од 2011 година до 2014 година, од страна на тужителот е утврдена во 2015 година со записник за извршена конторола и тестирање на потрошувачката на агрегатот, сама по себе не е доволна основа да се прифати дека е исполнет условот за надомест на штета согласно одредбата од чл. 156 од ЗРО, во отсуство на материјални прописи - акти донесени од работодавачот, од каде би се утврдило дека работодавачот предвидел граници на трошење на горивото за агрегатот, а работникот кој ќе ги пречекори таквите пропишани граници и кој нема да се придржува кон тие прописи, ќе сноси материјална одговорност за тоа.

За да се утврди штета која произлегува од незаконито работење на работникот-тужениот потребно е истиот да не постапил согласно со описот и пописот на работните задачи од работното место за кое има склучено договор за вработување или начинот на работење воведен кај работодавачот, на кој начин би му предизвикал штета на тужителот-работодавачот, односно треба од страна на работникот да постои вина за настаната штета за да постои одговорност и обврска за надомест на штета на работодавачот, односно треба да бидат исполнети и елементите на намерата, односно тешката небрежност.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.157/2016
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право