Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1491/17

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 595.70 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање март 28, 2018
  • Последна промена август 6, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1491/17

„(...) по наоѓање на овој суд, првостепениот суд погрешно го применил материјалното право кога  заклучил дека во конкретниот случај станува збор за годишен одмор на тужителот за 2015 година – остварување на право на користење на годишен одмор за 2015 година, а не за усно одобрување на правото на користење на годишен одмор за 2015 година за тужителот па при постоење на строга законска регулатива утврдена во чл. 137, ст. 4 од ЗРО, за правото на користење на годишен одмор согласно со која работодавачот е должен на работникот да му издаде Решение за правото на користење на годишен одмор, а вработениот ова решение за правото на користење на годишен одмор да го прими и дури откако ќе го прими, како вработен кај тужениот, има право да го остварува законското право на годишен одмор за 2015 година – да замине на користење на годишен одмор, па со тоа утврдил дека тужениот донел законита одлука за откажување на договорот за вработување поради неоправдано изостанување од работа повеќе од 3 – три последователни дена, а согласно чл. 74, член 82, став 1, точка 1 и чл. 91 од ЗРО.

По наоѓање на овој суд ваквото стојалиште на првостепениот суд е нeприфатливо од причина што видно од изведените докази и утврдената фактичката состојба произлегува дека во конкретниот случај се работи за одлука за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок – неоправдано изостанување од работа повеќе од 3 – три последователни дена, согласно со чл. 82, ст. 1, т. 1 од ЗРО, кој основ содржан во одлуката не може да се подведе под одредбата од чл. 137, ст. 4 од ЗРО согласно која е пропишано – „работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор”, и со тоа да се прифати дека во предметниот спор станува збор за – остварување на право на користење на годишен одмор за 2015 година, како што прифаќа првостепениот суд.

Во оваа смисла битно е дали тужителот како работник ја сторил повредата која му се става на товар, односно дали тужителот го оправдал или не својот изостанок, како што тоа е наведено во образложението на предметната одлука и тоа во периодот од 20.07.2015 година до 29.07.2015 година. (...)

Видно од предметната одлука произлегува дека тужениот откажувањето на договорот за вработување го изрекол поради неоправдано изостанување од работа повеќе од три последователни дена, а во образложението само има наведено дека тужителот неоправдано изостанал од работа во период од 20.07.2015 година до 29.07.2015 година, повикувајќи се при тоа на чл. 82, ст. 1, т. 1 од ЗРО.

Од друга страна, со одредбата од чл. 137 од ЗРО се уредуваат прашања кои се однесуваат на правото на платен годишен одмор, кое право во случајот тужителот неспорно дека го имал, додека во ставот (4) од истиот член се пропишува должноста на работодавачот да издаде решение за правото на користење на годишен одмор, која обврска не може да ја исполни работникот, додека начинот на користење на годишиот одмор е уреден со членот 144, ст. (1) од ЗРО согласно кој годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни потреби.

Согласно чл. 82, ст. (1), т. 1) од ЗРО е уредено дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок поради кршење на работниот ред и дисциплина (...), а особено ако работникот – неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на годината, што значи дека за да биде исполнета оваа повреда работникот треба да биде неоправдано отсустен од работа. Согласно чл. 72 од ЗРО е уредено дека ако работодавачот го откажува договорот за вработување е должен да го наведе основот за отказот утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.

Предвид сето погоре наведено произлегува дека тужениот не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот и истите не ги навел во образложението на одлуката дека тужителот во спорниот период од 20.07.2015 година до 29.07.2015 година неоправдано изостанал од работа. Наведеното од причина што според состојбата на списите во предметот и утврденото од страна на првостепениот суд, тужителот во спорниот период содржан во образложението на оспорената одлука е оправдано отсутен од работа со оглед да со сознание и одобрение на работодавачот – директорот кај тужениот С. С., во тој период користела годишен одмор, односно во состојба кога тужителот добил одобрение од страна на тогашниот директор кај тужениот С. С. да замине на одмор во критичниот период, за што постојат мејлови со директорот на тужениот и изјава дадена лично од него заверено пред нотар, а која изјава го потврдил и пред првостепениот суд на расправа од 04.03.2016 година, по наоѓање на овој суд во конкретниот случај не може да стане збор за неоправдано изостанување од работа повеќе од три последователни дена, ниту пак може да се прифати повреда од страна на тужителот со тоа што од страна на тужениот како работодавач не било изготвено решение.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1435/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право