Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.370/2016

  • Version
  • Преземи 1
  • Големина на фајлот 424.89 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јули 5, 2017
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.370/2016

„(...) Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека правилно второстепениот суд го применил материјалното право. Ова од причина што според овој суд правилно второстепениот суд прифатил за неспорно утврдено дека тужителите на 24.11.2009 година склучиле Договори за вработување со второтужениот. Во чл. 7 од овие договори е наведено дека, работникот има право на плата во висина утврдена со Правилникот за исплата на плати, надоместоци на плати и надоместоци на трошоците поврзани со работата на вработените на В. ф. Б. На ден 23.01.2009 година до У. С. К. О. Б. од М. доставено е известување дека од месец јануари 2009 година, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на вработените ќе им се исплаќа бруто плата, а во кој износ се внесени трошоците за превоз и трошоците за исхрана. Во прилог на ова известување доставени се утврдените износи на бруто плати со подерациони коефициентни по звања на вработените во високото образование како и подерациони коефициенти за други категории на вработени. Пред склучувањето на договорите за работа, односно на 18.11.2009 година врз основа на чл. 63 од Законот за високото образование наставно научниот совет на второтужениот донесе одлука за изворот на средствата за исплата на плати и други надоместоци на вработените. Во оваа одлука стои дека средствата за платите и другите надоместоци на вработените на В. ф. се обезбедуваат од буџетот на РМ, а бројот на бодовите за секој вработен е утврден врз основа на работното место на кое работи. За работните места на кои работеле тужителите предвидени биле 250 бода и толку им е исплаќано на истите. Не е спорно дека и во т. 6 од оваа одлука стои дека на вработените може да им се обезбеди плата и надоместоци по други основи од сметката за сопствени приходи на факултетот кога ќе се обезбедат доволно финансиски средства. Врз основа на оваа одлука, со тужителите се склучени договорите за вработување. Истите ги потпишале таквите договори што значи дека се согласиле со ваквиот начин на исплата на платата, а во времето кога се склучени договорите за работа знаеле за известувањето од Министерството.

Согласно чл. 105 од Законот за работните односи платата на работникот се определува согласно со Закон, Колективен договор и договор за вработување.

Оттука, како во Законот за високото образование не е определана платата за вработените во високото образование ниту е донесен колективен договор за високо образование и во отсуство на законско решение за платите во високото образование второтужениот донесол Одлука за исплата на плати и други надоместоци која е општ акт, бидејќи станува збор за распределба на плати и бодирање по работни места. При состојба кога во спорниот период одлуката за изворот на средствата за исплата на плати и други надоместоци била во правна сила не може да се прифати дека на тужителите им следува разлика на плата. Од друга пак страна во договорот за вработување не е определена платата на тужителите, туку е наведено дека ќе се исплаќа согласно Правилникот за плати, а во спорниот период горе наведената одлука имала својство на правилник и исплаќање се вршело врз основа на истата.

Согласно чл. 63 од Законот за високо образование наставнонаучниот, односно наставничкиот совет донесува Правилник за единицата. Тужениот не донесол Правилник за исплата на плати, меѓутоа донел одлука за изворот на средствата за исплата на плати и други надоместоци и со оваа одлука ја определил висината на платата за секој работник, а според работното место на кое е распореден. Истата останала во сила се до донесувањето на одлуката од 11.12.2013 година со која платата на тужителите е определена според образование.

Имајќи го во предвид погоренаведеното правилен е ставот на второстепениот суд дека во оваа постапка релевантно за одлучување е тоа што тужителите потпишале договори за вработување и дека во спорниот период постоела одлука за висината на платите на вработените по звања како и на останатите категории на работници и по неа се вршела исплата на плата, а која одлука не била ставена вон сила ниту пак е поведена постапка за оценка на законитоста на истата бидејќи како е наведено погоре истата има сила на општ акт. Во конкретниот случај од страна на ректорот не е укината одлуката за распределба на плати и други надоместоци донесена од страна на наставно-научниот совет на второтужениот иако имал овластување за тоа.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.11/2016
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право