- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 265.59 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 9, 2017
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.389/2016
„Со оглед на утврденото дека со правосилна судска пресуда Рев3.бр.48/12 од 11.07.2013 на Врховниот суд на Република Македонија, била поништена одлуката за откажување на работниот однос на тужителот донесена од секретарот на тужениот, произлегува дека на тужителот од страна на тужениот му е повредено правото на работа и остварувањето на останатите права кои произлегуваат од работниот однос. Поаѓајќи од содржината на цитираните законски одредби, правилно пониските судови заклучиле дека во конкретниот случај тужителот има право на надомест на штета поради незаконит престанок на работниот однос за временскиот период од 01.03.2010 година кога му престанал работниот однос кај тужениот па до 04.06.2013 година кога го засновал работниот однос во ДММ Д.М. М. ДООЕЛ, бидејќи тужителот повеќе нема интерес за да се врати на работно место кај тужениот.
По наоѓањето на овој суд, неоснован е истакнатиот ревизиски навод дека судовите извршиле погрешна оценка за пресметката за плата, со образложение дека тужителот не доставил договор за вработување во кој е утврдена висината на платата. Ова од причина што висината на неисплатените плати, како и неуплатени придонеси за временскиот период на незаконит престанок на работниот однос, судовите ја утврдиле врз основа на вешт наод и мислење во кој на стручен начин била утврдена штетата од незакониот престанок на работниот однос, со содржани јасни и прецизни објаснувања на секој основ посебно. Имено, основицата за пресметка на надоместокот е во висина на нето плата во износ од 32.516,00 денари која на тужителот му била исплатена на име плата во месец февруари во 2009 година. Воедно, на така утврдената основица на неисплатена плата, тужениот е должен да уплати придонеси за ПИОМ за спорниот период во вкупен износ 350.632,00 денари.
Во оваа насока, неосновано се укажува во ревизијата на погрешна примена на материјалното право од член 23 од Законот за придонесите од задолжително осигурување. Ова од причина што средствата од придонесите претставуваат јавни давачки, а во задолжително социјално осигурување спаѓаат меѓу другите и придонесите за пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата. Имено, во одредбата од член 7 став 1 точка 1 од Законот за придонесите од задолжително осигурување („Службен весник на РМ“ бр.142/2008 ... 170/2013), е предвидено дека обврзник за плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување меѓу другите е и работникот во работен однос кај правно лице, меѓутоа во член 13 став 1 член 1 од истиот закон, обврзник за пресметка и уплата е определен работодавачот за своите вработени. Од погоре цитираните законски одредби произлегува дека тужениот е должен досудениот паричен износ на име неисплатени плати да му го исплати на тужителот, а придонесите за пензиско и инвалидиско осигурување во соодветниот Фонд, во корист на тужителот.
Врховниот суд на Република Македонија ги оцени како неосновани ревизиските наводи дека тужениот нема пасивна легитимација во конкретниот спор, бидејќи тужителот немал законска можност да ја врши својата дејност по одземањето на овластувањето согласно решението на Министерството, што влијае на правото на тужителот да бара надомест за незаконит престанок на работниот однос. Имено, при утврдените факти дека тужениот постои како правен субјект како носител на права и обврски и дека не е избришан од ЦР на РМ, туку се јавува како основач на ТД З. в. Т. ДОО со статусна промена на припојување, овој суд наоѓа дека е правилен заклучокот на пониските судови дека на тужителот му следуваат правата кои произлегуваат од претходно остварениот работен однос кај тужениот за утврдениот период.”