Во периодот од 31.5.2023 г. до 1.6.2023 г., Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, со поддршка на Меѓународната организација на трудот, во Хотел „Метропол” во Охрид ја одржа својата годишна, дводневна конференција на тема: НА ПРЕМИНОТ ПОМЕЃУ ПОСТОЕЧКОТО И НОВОТО РАБОТНО ЗАКОНОДАВСТВО ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – ПРЕМНОГУ РАНО ИЛИ ПРЕМНОГУ ДОЦНА ЗА НОВ ЗАКОН ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ?
Со поздравен говор конференцијата ја отвори г-ѓа Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика на Северна Македонија, по што следуваа поздравни обраќања на проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, проф. д-р Тодор Каламатиев, претседател на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, проф. д-р Александар Ристовски, потпретседател на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија и м-р Емил Крстановски, национален координатор на Меѓународната организација на трудот во Северна Македонија.
На конференцијата, учество земаа повеќе од 30 говорници, истакнати теоретичари (универзитетски професори од државата и странство), практичари (судии, адвокати, правници од компании, организации, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација), кои се осврнаа на значајни теми од областа на трудовото право.
Содржината на Конференцијата беше организирана во панел дискусија и четири сесии на кои беа презентирани научните и стручните трудови на овогодинешните автори и учесници.
Панел дискусијата беше фокусирана на состојбите во националното трудово право на „преминот помеѓу постоечкото и новото работно законодавство во Северна Македонија”. Воведничар во панелот беше проф. д-р Гзиме Старова, почесен претседател на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, која се осврна на ретроспективата на развојот на македонското трудово законодавство. Панелот започна со презентација на најзначајните прашања и новини во Нацрт-Законот за работните односи од страна на претставнички на Министерството за труд и социјална политика, г-ѓа Маја Папатолевска и г-ѓа Ленче Коцевска, по што, следуваше размена на мислења и вкрстување на ставовите на претставниците на синдикатите (г-дин Слободан Трендафилов), на работодавачите (г-дин Ангел Димитров), на државниот трудов инспекторат (г-ѓа Весна Томовска) и на науката (проф. д-р Тодор Каламатиев и проф. д-р Александар Ристовски) во врска со актуелните и перспективните состојби на трудовото право во државата.
Првата сесија со наслов „Меѓународни, регионални и компаративни искуства за одредени прашања во трудовото право” опфати повеќе интересни теми на учесници од државите во регионот, но и пишироко (Србија, Црна Гора, Косово, Бугарија, Словачка). Дел од темите кои беа презентирани во рамките на оваа сесија се и темите за: трудово-правниот статус на директорите, положбата на сезонските работници, работниците на дигитални платформи, актите на ЕУ за определување на минималната плата и др.
Втората сесија со наслов „Трудовото право и другите правни дисциплини” (точки на поврзување) опфати теми кои го адресираат односот помеѓу трудовото право и други правни дисциплини (трговското право, облигационото право, административното право, кривичното право, меѓународното приватно право и сл.).
Третата и Четвртата сесија, се осврнаа на националните аспекти на индивидуалните и колективните работни односи, опфаќајќи широк и интересен избор на теми, помеѓу кои и теми за: престанок на работниот однос, заштитата на работниците од отказ и незаконито прераспоредување на друго работно место, мобинг, штрајк, колективни отпуштања, мирно решавање на колективните работни спорови.
На Конференцијата беа промовирани и првите два броја на Публикацијата на Здружението за трудово и социјално право со наслов „Свет на работата”, во кои се објавени вкупно 32 научни и стручни трудови на авторите и учесниците на конференцијата, коишто се достапни и во електронска верзија и може да се преземат на следниот линк.
„Свет на работата” е првото македонско научно и стручно списание за трудово и социјално право.