На 17.11.2022 година во Скопје се одржа конференцијата „Нови форми на вработување на променливиот пазар на трудот” во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија (ЗТСП) и Фондацијата Импакт. На конференцијата учествуваа и суштински придонесоа во дискусиите за уредување на новите форми на вработување во македонското законодавство претставници од академската заедница; претставници на учесниците во трипартитниот социјален дијалог од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), организациите на работодавачите и на синдикатите; како и лица што самостојно вршат дејност (фриленсери). На покана и на задоволство на организаторите, на настанот гостуваа експерти од Меѓународната организација на трудот.
Со поздравен говор конференцијата ја отвори министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, по што следуваа воведни обраќања на националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, м-р Емил Крстановски, Претседателот на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, проф. д-р Тодор Каламатиев, како и раководителот за развојна соработка на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка, Микаел Атерхог.
Во фокус на излагањата на Мартине Хумблет, правен специјалист за работни услови во МОТ, Сергеј Суарез Дилон Соарес, економист и специјалист за пазарот на трудот од МОТ и Кристина Михеш, раководител на одделот за трудово право и реформи на МОТ беа потенцирани новите форми на вработување, нивното уредување и зачестеност на европско ниво и потребата за достоинствена работа во економијата на платформи.
Директорката на Фондацијата Импакт, Елена Иванова, се осврна на потребата од обезбедување поддршка на лицата што самостојно вршат дејност (фриленсери) во македонскиот контекст, додека раководителката на Секторот за политики од областа на трудово право и политики за вработување при МТСП, Маја Папатолевска, ги изложи новите видови договори за вработување кои се предвидени во Нацрт-Законот за работните односи. Потпретседателот на ЗТСП, проф. д-р Александар Ристовски, пак, ги истакна предизвиците со кои се соочува македонското трудово законодавство во однос на т. н. „сива зона” помеѓу работниот однос и самовработувањето.