Кратка Биографија на проф.д-р Гзиме Старова

Д-р Гзиме Старова е родена на 24.12.1946 година во Скопје, Република Македонија. По народност е Албанка.

Основното и средното образование ги завршува во Скопје. Дипломира на Правниот факултет “Јустинијан Први”, во Скопје, во учебната 1969/1970 година. На Правниот факултет во Скопје се вработува 1971 година, најнапред како стажант на катедрата за административно правни науки, а од 1973 година како асистент по предметот трудово право и социјално осигурување.

Последипломски студии завршува на Правниот факултет во Скопје, каде во 1978 година со успех го брани магистерскиот труд на тема: “Посебна заштита на работниците при работа”. Во 1979 година е избрана за предавач по предметот трудово право и социјално осигурување. Докторира на Правниот факултет во Љубљана, Република Словенија во 1991г, на тема:”Уредување на работните односи во СФРЈ и неговите облици”. Во 1992 година избрана е за доцент на Правниот факултет во Скопје, по предметот трудово право и социјално осигурување . Во 1997 година избрана е за вонреден професор, а во 2002 година е избрана за редовен професор.

На Правниот факултет во Скопје, ги предава предметите трудово право и социјално осигурување, како и меѓународно трудово право, европско трудово право од групата предмети на мастер студиите на Правниот факултет во насоката по деловно право. Во 2001 година анкажирана е како редовен професор по трудово право и социјално осигурување на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Република Македонија, каде предава на албански и македонски јазик. Во текот на две учебни години (2001/2002 и 2002/2003) ангажирана е како професор на женските студии организирани од Сојузот на организации на жените на Република Македонија во областа Женски права-човекови права, со посебен осврт на положбата на вработената жена и нејзините права во текот на работата во македонското, меѓународното и европското законодавство.

Во текот на месец ноември 2004 година, д-р Гзиме Старова како визитинг-професор предава на Правниот Факултет на Универзитетот “Рене Декарт” во Париз, Франција, а во текот на 1999 година, со свои предавања од областа на трудовото право ангажирана е на Правниот факултет на Универзитетот во Каљари, Италија. Во рамките на програмата Темпус, во текот на 2001 година, остварила студиски престој на Правниот факултет во Фиренца, Италија.

Д-р Гзиме Старова учествува на повеќе советувања, собири, конференции и дебати од областа на правата на човекот, особено на неговите права и положба во текот на работата во организација на владини институции, невладини организации, Синдикатот и Советот на Европа. Во 1993 година со свој труд учествувала на Светскиот собир на меѓународното здружение по трудово право во Брисел, Белгија.

Како експерт од областа на работните односи и социјалното право воопшто, посебно социјалното осигурување, во периодот од 1992 до 1994 година , член е на Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија. Во текот на две години,1998 и 1999, како претставник на Република Македонија, член е на Комитетот на експерти за локални социјални служби во Советот на Европа.

Во периодот од 2004 до 2008 година ја извршува функцијата заменик претседател на Сенатот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, Република Македонија. Член е на Бордот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Д-р Гзиме Старова учествувала на повеќе домашни и меѓународни научно-истражувачки проекти, меѓу кои позначајни се: ”Жената како општествен и производен субјект” при Институтот за социолошко- правни и политички истражувања-Скопје; изработка на “Учебникот за граѓанско образование за средните стручни училишта”, при Министерството за образование и наука на Република Македонија; Реформа на системот на пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија, при Министерството за труд и социјална политика, во рамките на проектот на Светската Банка и Меѓународниот монетарен фонд; Реформи на системот на социјална заштита и усогласување на законодавството за социјалната заштита на Република Македонија со законодавството на Европската унија, во рамките на ФАРЕ програмата и Европската Унија; изработка на повеќе закони од областа на работните односи и социјалното осигурување.

Д-р Гзиме Старова, во 2004 година, за своите исклучителни придонеси во доменот на универзитетската и научната дејност со пошироко меѓународно значење, добитник е на високото одликување на француската влада Академска палма.Истата година, од страна на Стејт Департментот на Соединетите Американски држави, е прогласена за една од шесте најуспешни жени во Република Македонија, признание кое и е доделено за нејзините достигнувања во областа на образованието и науката. Во ноември 2005 година, д-р Старова стана добитник на престижната државна награда за постигнувањата во областа на образованието во Република Македонија, “Свети Климент Охридски,. Добитник е и на две плакети на Универзитетот “СВ.Кирил и Методиј”, за достигнувања во областа на образованието и науката и тоа во 2004 и 2005 година.

Д-р Гзиме Старова е автор на бројни научни и стручни трудови од областа на трудовото право и социјалното осигурување, како и на трудови со компаративни согледби на прашањата поврзани со овие области, на меѓународен план, и особено во европски контекст.

Во моментот, професор Старова ја извршува функцијата почесен претседател на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија.

Позначајни објавени трудови: 

  1. ”Посебна заштита на работниците”,Студентски збор, Скопје,1987,131 стр.
  2. ”Работните односи од експеримент до нова реалност”, Студентски збор, Скопје,1992,144 стр.
  3. Работните односи во македонскот и меѓународното законодавство (коментар и прилози на законската регулатива на работните односи во Република македонија и на меѓународните норми од оваа област), Нова Македонија, Скопје, 1994, 212 стр.
  4. ”Трудово право”, (учебник по предметот трудово право и социјално осигурување за студентите по правни науки, во коавторство со д-р Тито Беличанец), Правен Факултет, Скопје, 1996, 463 стр.
  5. “Есеј за кризата”(превод од француски јазик на книгата на Филип Сеген), Култура, Скопје,1997,149 стр.

За преводот на оваа книга, д-р, Старова е добитник на наградата за најдобар превосд од областа на есеистиката Ванѓа Чашуле, во 1998 г.

  1. ”Меѓународно трудово право и законодавство”, Ѓурѓа, Скопје, 1999, 125 стр.
  2. ”Граѓанско образование за средните стручни училишта” ( во коавторство со група автори), Биро за развој на образованието на република македонија, Скопје, 2000.
  3. “Љубов, поезија и мудрост”(превод од француски јазик на книгата на Едгар Морен), Ѓурѓа, Скопје 2001, 124 стр.
  4. “Аболиција” (превод од француски јазик на книгата на Робер Бадентер). Култура, Скопје, 2002, 303 стр.
  5. ”Трудово право-теорија и законодавство”, (учебник по предметот трудово право за студентите по правни науки), Просветно дело, 2003, 374 стр.
  6. “E drejta e punës”, (“Трудово право”-учебник за студентите по правни науки на албански јазик), Logos A,Скопје, 2004, 350 стр.
  7. “Положбата и правата на вработената жена”, Сојуз на организации на жени на Република Македониј, Скопје 2003, 240 стр.
  8. ”Работни односи-коментар на Законот за работни односи“, Скопје, 2003.
  9. ”Европската унија во XXI век- институции и економија”, (превод од француски јазик на книгата на Морис Дурусе), Logos A, Скопје 2004, 247 стр.

Книгата е објавена со подршка на Амбасадата на Франција во Република Македонија, во рамките на проектот за соработка со Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Република Македонија.

  1. ”Работни односи-коментар на Законот за работни односи“ (во коавторство со д-р Тодор Каламатиев), Скопје, 2006.
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право