За здружението
Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија (ЗТСП), основано во 2019 година во Скопје, има за цел да придонесе кон унапредување и популаризирање на науката за трудовото и социјалното право, работното и социјалното законодавство и останатите прописи во Република Северна Македонија. Посебни цели на здружението кои ќе придонесат кон остварување на мисијата на ЗТСП:
- промовирање на соработка, вмрежување и развивање на стратешко партнерство помеѓу сите чинители во областа на трудовото и социјалното право;
- научен и стручен придонес во процесот на хармонизирање на македонското трудово и социјално право со правото на Европската унија;
- проучување и следење на промените и развојот на трудовото и социјалното право во рамките на компаративното право, идентификување на добри примери и практики кои ќе послужат во унапредувањето на националното право и законодавство;
- следење и проучување на промените во трудовото и социјалното право во меѓународни рамки (во Меѓународната Организација на Трудот и други универзални и регионални меѓународни организации), испитување на степенот на усогласеност и поттикнување на усогласувањето на домашното право со меѓународните стандарди на трудот;
- стимулирање на инклузивен дијалог и критичко размислување во насока на подобрување на македонското трудово и социјално законодавство;
- разменување на знаења, идеи, искуства, информации и унапредување на соработката помеѓу домашните и меѓународните експерти од областа на трудовото и социјалното право;
- промовирање на пристојната работа за сите и активна заложба за почитување на фундаменталните принципи и права на работата;
- мотивирање на студентите од правните факултети во земјата за изучување и понатамошен кариерен развој во областите на трудовото и социјалното право;
- стручна помош и поддршка на младите луѓе при влезот на пазарот на труд и промоција на нивните интереси и права.