„На припадниците на судската полиција која е дел од судската служба, правата и обврските, а со тоа и надоместоците на плата за посебни услови, работа во смени – турнуси, работа ноќе, прекувремена работа, работа за време на празници, треба да се утврдуваат и исплатуваат согласно Законот за судска служба како lex specialis.“
„За вработените во судовите кои вршат помошно-технички работи, а кои немаат статус на судски службеници, по однос на утврдување на висината на платата, не може да се примени Законот за судска служба, туку Законот за работните односи, општите прописи од работните односи и колективните договори.“
„Кога на работник за превземени дејствија кои претставуваат кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски согласно Законот за работните односи, од страна на работодавачот му е изречена парична казна, не може по започнување на примената на Законот за јавните службеници и промена на статусот во јавен службеник, да му се изрече и престанок на вработување по сила на закон како недостоен за јавен службеник и за вршење на службата во институцијата, за истите дејствија кои имаат обележја на кривични дела, иако е огласен за виновен со правосилна судска одлука и му е изречена алтернативна мерка – условна осуда.“
„На работникот кој организирал или учествувал во штрајк, кој не е организиран во согласност со Закон и Колективен договор, може да му се даде отказ, ако продолжил со штрајкот и по приемот на правосилната судска пресуда, со која се забранува штрајкот како спротивен на Закон и Колективен договор.“
„Во судската практика на Врховниот суд на Република Македонија при одлучувањето по вонредните правни лекови – ревизии во работните спорови за поништување на одлуки за откажување на договори за вработување од деловни причини, кои тужениот “Жито Лукс“ АД Скопје ги има донесено како резултат на донесена Одлука за намалување на поголем број на вработени поради технолошки вишок, не постои разлика во одлучувањето и примената на правото, кое е единствено и конзистентно во сите донесени одлуки.
Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија нема уставна и законска основа за утврдување на начелен став или начелно правно мислење во врска со предметите на “Жито Лукс“ АД Скопје, кои се однесуваат на работници, на кои им престанал работниот однос поради технолошки вишок.“
„По стапувањето во сила на Законот за работните односи („Сл. весник на РМ”, бр. 62/05), нема основ за исплата на регрес за годишен одмор доколку не е предвидено со колективен договор.“