- Version
- Преземи 6
- Големина на фајлот 514.38 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 4, 2018
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-588/17
„(...) Имено, општите начела за одговорност за штета се предвидени во чл. 141 од ЗОО, според кој тој што ќе му причини штета на друг должен е да ја надомести, доколку не докаже дека штетата настанала без негова вина, а за штетата причинета од предмети или дејности од кои произлегува зголемена опасност од штета за околината, се одговара без оглед на вината. Во случајот се одговара без оглед на субјективна вина, па тужениот има објективна одговорност – одговорност што настанала во врска со опасен предмет или опасна дејност во смисла на чл. 159 од ЗОО. Од доказите изведени во текот на постапката неспорно произлегува дека тужителот бил вработен кај тужениот и дека на 20.10.2011 година за време на вежбовните активности и задачи на маркирант во вежбата „Македонски блесок 08” тужителот се здобил со повреда на работа кога чаура испукана од маневарска муниција се одбила од дрво во близина на тужителот и го погодила во десното око. Од настанатата незгода причинети му се тешки телесни повреди. Со тоа со оглед дека тужителот е повреден на работно место, правилен е заклучокот на првостепениот суд дека тужениот како негов работодавец согласно со погоре наведената одредба е должен да му ја надомести причинетата нематеријална штета. Имајќи предвид дека тужителот како резултат на повредувањето трпел физички бол, страв и душевен бол поради намалена општа животна активност и нагрденост со интензитет и за времетраење како што е наведено во вештиот наод и мислење, правилно постапил првостепениот суд кога го задолжил тужениот на тужителот да му исплати на име надомест на нематеријална штета вкупен износ од 1.150.000,00 денари, и тоа за претрпени физички болки износ од 450.000,00 денари, за претрпен страв износ од 100.000,00 денари, за претрпени душевни болки поради намалена општа животна активност износ од 400.000,00 денари и за претпрени душевни болки поради нагрденост износ од 200.000,00 денари.
(...) и по оценка на овој суд, правилно првостепениот суд го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот за надомест на материјална штета за направени трошоци за лекување во приватната очна болница, бидејќи тужителот по своја волја одлучил да се лекува приватно. Ова значи дека во случајов тужителот не ја докажал потребата за вакво лекување и изведување на интервенции во приватна болница, односно не докажал дека државните здравствени установи не ги обезбедуваат потребните услуги за лекување или, пак, дека поради видот и сложеноста на повредата тужителот од државната клиника бил упатен на приватно лекување.
Жалбениот навод на тужениот дека за настанатата повреда дел од вината има и самиот тужител, дотолку повеќе што и сведокот Б. С. и самиот тужител изјавиле дека за вакви вежби каде се гаѓа со маневарска муниција не е потребно да се носи заштитна опрема, туку само доколку се работи за вежба каде што се користат хемиски средства, тогаш се носат заштитни маски, овој суд го ценеше, но не го прифати од причина што во случајов, тужениот иако имал можност во судската постапка, не доставил доказ во смисла дали за одржување на вежбовните активности билo потребно користење на заштитна опрема, ако не било, од кои причини, не е доставен план за безбедно извршување на вежбата со прецизирани безбедносни мерки за учесниците, не доставил доказ за обезбедена комплетна униформа за учесниците или ако не била потребна, со образложение за причините за тоа. Во случајот вештото лице го утврдил видот и карактерот на повредите, а првостепениот суд врз основа на сите расположиви докази правилно одлучил дека нема елементи за ослободување од одговорност на тужениот за настанатата штета.”