- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 261.53 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 18, 2017
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.149/2015
„Имено, согласно член 46 став 1 од Законот за работни односи („Службен весник на РМ“ бр. 62/05), на кој што закон се повикува првостепениот суд, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на работи кои што по својата природа траат определено време, со прекин или без прекин до четири години.
Согласно член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на РМ“ бр. 106/08) кој бил во примена во периодот на донесување на оспореното решение за отказ, е сменет членот 46, па така според став 1, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Според став 3, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот 1 на овој член, под услови и на начин утврдени со закон.
Според Врховниот суд на Република Македонија, поаѓајќи од погоре цитираните законски одредби, при неспорно утврдени факти дека тужителката била во континуиран работен однос кај тужениот повеќе од 8 години заклучно до 31.08.2009 година, дека тужениот имал потреба од професор по филозофија за целиот период, која потреба продолжила и после донесеното оспорено решение, дека од страна на Министерството биле обезбедени финансиски средства за тековната 2009 година и во Прегледот на одобрени согласности под ред. бр. 15 било наведено вработување кај тужениот за наставник по филозофија по основ на старо финансирање на име на тужителката, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, несомнено произлегува дека биле исполнети сите законски услови за трансформација на работниот однос на тужителката од определено на неопределено време и тоа како по член 46 став 1 од Законот за работни односи („Службен весник на РМ“ бр. 62/2005), така и по член 46 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на РМ“ бр. 106/08). Оттука, по наоѓање на овој суд, при состојба кога работниот однос на тужителката бил во фаза на трансформација, произлегува дека тужениот немал основ да го донесе оспореното решение за отказ само поради изминатиот рок за кој бил склучен договорот за вработување, како што впрочем заклучил и првостепениот суд. Дотолку повеќе што, основаноста на подносителот на ревизијата за погрешна примена на материјалното право од страна на второстепениот суд, произлегува и од фактот што второстепениот суд се повикува на член 46 став 3 и 4 од Законот за работни односи („Службен весник на РМ“ бр. 47/11), кој што закон не бил во правна важност кога било донесено спорното решение под бр.04-564/1 од 27.08.2009 година, а не бил во правна важност ни во време на поднесувањето на тужбата, па не може ретроактивно да се применува закон кој во спорниот период не бил во правна важност.”