- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 302.71 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 22, 2017
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.169/2015
„Подведувајќи ги утврдените факти од пониските судови, под цитираните одредби од Законот за работните односи ("Службен весник на Република Македонија" бр. 62/2005...25/2013) и статутот на тужениот, имајќи ги предвид и интерните акти на тужениот со кои се уредува обврската за чување деловна тајна, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно е стојалиштето на пониските судови дека побиваната одлука за откажување на договорот за вработување на тужителот е правилна и законита. Основ за законитиот престанок на работниот однос на тужителот произлегува од утврдените и неспорни факти дека тужителот иако знаел и морал да знае дека станува збор за документи кои имаат посебен режим на заштита, истите ги копирал, ги изнесувал од седиштето на тужениот, и ги користел за свои цели и потреби, без притоа да има согласност од тужениот. Знаењето на тужителот по однос на доверливиот режим на документите кои ги употребувал несомнено произлегува од содржината на договорот за вработување, како и од интерните акти на тужениот. Следствено на наведеното, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија правилно е стојалиштето на пониските судови дека со преземените дејствија тужителот сторил кршење на работниот ред и дисциплина во смисла на одредбата од член 82 став 1 точка 6 од Законот за работните односи, од што произлегува законитоста на оспорената одлука.
Ревизиските наводи на ревидентот со кои се оспорува уредноста на доставата на одлуката за откажување на договорот за вработување, биле предмет на анализа од страна на пониските судови, за кои дале доволно образложени и аргументирани причини со кои во целост се согласува и Врховниот суд на Република Македонија.
При одлучувањето, Врховниот суд на Република Македонија го ценеше ревизискиот навод на тужителот дека пониските судови не го имале предвид фактот дека одлуките за парични казни кои ги донел тужениот биле поништени како незаконити, меѓутоа го најде како неоснован. Ова од причина што во конкретниот случај, предмет на испитување е законитоста и правилноста на одлуката за откажување на договорот за вработување, додека одлуките со кои тужителот бил парично казнет и околноста што истите се поништени во судска постапка, не е од влијание по однос на законитоста на одлуката за откажување на договорот за вработување. Основ за откажувањето на договорот за вработување не претставуваат одлуките за изрекување на парична казна, туку кршење на работниот ред и дисциплина со оддавање на деловна тајна.”