Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.186/2015

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 271.77 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање март 22, 2017
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.186/2015

„(...) според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно пониските судови го поништиле како незаконито решението за отказ на договорот за вработување со отказен рок од 05.07.2012 година и го задолжиле тужениот да ја врати тужителката на работа.

Во конкретниот случај на тужителката и е откажан договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина и повреда на работните обврски согласно член 81 став 1 точка 5 и 6 од Законот за работните односи ("Службен весник на Република Македонија" бр. 62/05...39/2012).

Имено, согласно член 81 став 1 точка 5 и 6 од Законот за работните односи, меѓу другото е определено дека работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок, особено ако: (5) не побара отсуство или навремено писмено не го извести работодавачот за отсуството од работа; или (6) поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа, писмено не го извести работодавачот.

Посебната заштита на определени категории на вработени, која се остварува преку содржината на правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос, меѓу кои и работниците поради бременост и родителство е уредена со одредбите од член 161-171 од Законот за работните односи. Во таа насока, со одредбата од член 161 став 1 од наведениот закон е пропишано дека работниците поради бременост и родителство имаат право на посебна заштита во работниот однос.

Подведувајќи ги утврдените факти, под цитираната законска одредба, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно е стојалиштето на пониските судови дека побиваното решение за отказ на договорот за вработување на тужителката е незаконито. Ова ако се има предвид утврденото дека тужителката сметано од 02.05.2012 година била на одобрено отсуство од работа заради бременост кое повеќе пати било продолжувано, како и за периодот од 18.06.2012 година до 30.06.2012 година, и периодот од 01.07.2012 до 02.07.2012 година, кога на 03.07.2012 година добила спонтан абортус, а медицинската документација за периодот до 30.06.2012 година ја доставила до тужениот на 04.07.2012 година. Во насока на наведеното, произлегува дека тужениот бил свесен за ризичната бременост на тужителката, па оттука ако се земе предвид целокупното боледување на тужителката јасно се гледа дека постои континуитет во користењето на одобреното боледување, а уште повеќе ако се има предвид посебната заштита која работничките ја уживаат за време на бременоста согласно одредбите од Законот за работните односи. Поаѓајќи од наведеното, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно пониските судови го поништиле како незаконито оспореното решение за отказ на договорот за вработување на тужителката со оглед дека тужениот не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот во смисла на член 72 од Законот за работните односи. Притоа, неизвестувањето на работодавачот во рок од 48 часа од настанувањето за причините за отсуство, не претставува основана причина за откажување на договорот за вработување во контекст на утврдениот континутитет на отсуството на тужителката поради бременост.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.169/2015
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право