- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 221.96 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 12, 2018
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.25/2017
„(...) според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно пониските судови раководејќи се од одредбите од член 141 од Законот за облигационите односи во врска со одредбите од член 156 и член 157 од Законот за работните односи и Колективниот договор на тужителот и член 118 од Законот за служба во АРМ, го одбиле тужбеното барање на тужителот како неосновано.
Појдовна основа за вакво одлучување, пониските судови наоѓаат во изразениот заклучок дека тужителот не ја утврдил точната вредност на оштетените делови која тужениот треба да ја надомести, од што всушност зависи и висината на претрпената материјална штета, поради што и застанале на стојалиште дека побарувањето во висина од 80.000 евра не може да се прифати како конкретно утврдена висина на штета.
Од друга страна, паушалното обештетување како начин на надоместок на причинета штета од страна на работникот, определено со член 157 од Законот за работните односи, може да се примени само ако штетните дејствија на работникот и висината на паушалното обештетување се определени со колективен договор. Тоа значи дека наведената одредба може да се примени само во случај кога прашањето за дејствијата и висината на обештетувањето се кумулативно уредени со колективен договор на ниво на работодавач. Во конкретниот случај правилно пониските судови завземале став дека не може да се примени паушалното обештетување, бидејќи во колективниот договор на тужителот не биле определени штетните дејствија на работникот и висината на паушалниот износ на штетата.
При вака изнесени правни заклучоци, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, тужителот неосновано претендира надомест на материјална штета од тужениот, бидејќи не успеал да ја докаже и утврди вредноста на оштетените делови, а со тоа и обемот на штетата. На ваквиот заклучок се надоврзува и утврденото дека критичниот ден не работел системот за прикажување на теренот, поради што и тужениот не бил во можност да го воочи далеководот и со тоа да избегне да настанат предметните оштетувања, што укажува на тоа дека во преземените дејствија на тужениот не се содржани обележја на намера, крајно невнимание или тешка небрежност, како услови за воспоставување на одговорност на работникот за штета причинета на работа согласно член 156 став 1 од Законот за работните односи, во врска со член 118 од Законот за служба во АРМ и член 103 од Колективниотдоговор на Министерството за одбрана.”