- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 225.49 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 7, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.135/2015
„(...) пониските судови заклучиле дека решението за отказ на договорот за вработување на тужителите е незаконито, бидејќи тие биле ослободени од обвинението и не се докажало дека го сториле кривичното дело разбојништво за кое биле обвинети, па истото го поништиле.
Меѓутоа, според овој суд погрешен е заклучокот на пониските судови дека побиваното решение за отказ е незаконито, со оглед на фактот дека тие биле ослободени од обвинението во кривичната постапка, од причина што судот во оваа парнична постапка треба да ја цени законитоста на оспореното решение и постапката во која било донесено и независно од исходот на поведената кривична постапка. Ова од причина што отказот на тужителите им бил даден по повеќе основи, меѓу другото затоа што постапувале спротивно на правилата и прописите на Министерството и одредбите од Законот за внатрешни работи и ги злоупотребиле и пречекориле дадените овластувања во врска со вршењето на работите и задачите.
Имено, согласно член 141 став 1 точка 9, 12 и 15 од Законот за внатрешни работи („Сл. весник на РМ“ бр. 92/09), работникот врши потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, утврдени со закон, колективен договор, правила и прописи на Министерството и договор за вработување, доколку: го злоупотреби или пречекори даденото овластување; противправно прибавува лична корист во врска со вршењето на работите и задачите и изврши дејствие што претставува кривично дело.
Во смисла на цитираната законска одредба, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, основан е ревизискиот навод на тужениот дека пониските судови воопшто не се впуштиле во оценка на законитоста на оспореното решение од материјално и процесно правен аспект, а решителен факт за тоа е дали тужителите постапувале спротивно на правилата и прописите на Министерството и одредбите од Законот за внатрешни работи, односно дали ги злоупотребиле и пречекориле дадените овластувања, за да утврдат дали тужителите сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина во смисла на член 141 став 1 точка 9 од Законот за внатрешни работи.
Во насока на наведеното, пониските судови ќе треба да ги утврдат решителните факти за тоа дали преземените дејствија на тужителите претставуваат дисциплински повреди кои се содржани во решението за откажување на договорот за вработување согласно Упатството за начинот на однесувањето и меѓусебните односи на полициските службеници, Кодексот на полициската етика, Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР, а сето тоа независно од кривичното дело за кое биле обвинети и исходот на поведената кривична постапка.”