- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 897.78 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 13, 2019
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.108/2018
„(...) пониските судови образложиле дека одлука за откажување на договорот за вработување од деловни причини, била донесена согласно член 71 став 2 и член 76 став 1 точка 3 од Законот за работните односи и член 93 став 1 од Колективниот договор, а тужениот во целост ја запазил законитоста на постапката при донесување на истата. Имено, Управниот одбор на тужениот со донесувањето на новиот Правилник за организација и систематизација на работните места, извршил реорганизација на работењето, поврзување на работни места, и работни задачи, укинување на работни единици и работни места, и го укинал работното место - шеф на одделение со шифра 13 во РЕ 627 – Одделение за нафтени деривати на домашен пазар во Дирекцијата за набавка. Правилникот бил доставен до синдикалната организација, а со соопштение на огласна табла тужениот ги запознал вработените со донесувањето на новиот Правилник, при што истиот бил објавен и во Билтенот на тужениот. Во оваа насока, правилен е заклучокот на пониските судови дека тужениот постапил согласно член 62 став 1 од Колективниот договор, а во врска со член 94-а од Законот за работните односи.
Воедно, во одлуката за престанок на работниот однос од деловни причини, тужениот го навел бројот на вработените, како и образложение на причините и потребата од намалување на бројот на вработени и укинување на соодветните работни места - шеф на одделение и самостоен референт. Истата содржи табеларен приказ на работниците кои работат на наведените работни места, а за кои се јавила потребата за откажување на договорите за вработување од деловни причини. Во ова насока, произлегува дека тужениот ги исполнил своите законски обврски во однос на формата на одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини, обезбедување на правата во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини во смисла на член 72 и член 74 од Законот за работните односи. Истовремено, во одлуката за престанок на работниот однос од деловни причини, е предвидено работниот однос да престане со отказен рок во траење од еден месец, а предвидено е и правото на исплата на еднократен надомест во вид на испратнина во висина од просечно исплатената плата на работникот во последните шест месеци пред отказот, па оттука според овој суд правилен е заклучокот на пониските судови дека тужениот ги исполнил своите обврски во однос на отказниот рок и испратнината предвидени со член 88 став 2, член 89, член 92 став 1 и член 97 од Законот за работните односи.
(...) со новиот Правилник, тужениот ги укинал Секторот за увоз - извоз на нафтени деривати и Секторот за набавка на нафтени деривати на домашен пазар, така што е формиран нов Сектор за енергенси, а работните задачи на вработените од тој сектор се разликуваат од работните задачи кои ги имала тужителката на своето работно место. Воедно, со новиот Правилник работното место на тужителката било укинато, па тужениот не можел да изврши споредување и бодување согласно утврдени критериуми, што се врши само во случај кога станува збор за намалување на број на извршители.
(...) потребата и причините за откажување на договорот за вработување од деловни причини ја цени работодавачот, согласно своите потреби од деловно работење, додека обврска на судот е да цени дали одлуката за откажување на договорот за вработување е донесена во правилна и законита постапка, во смисла на одредбите од Законот за работните односи.
(...) наведената законска одредба наоѓа примена доколку работодавачот има намера да донесе одлука за престанок на работен однос на поголем број работници од деловни причини, односно на најмалку 20 работници за период од 90 дена при секој престанок на работен однос без оглед на вкупниот број на работниците кај работодавачот. Оттука, ако се има предвид одлуката за престанок на работен однос од деловни причини бр.0402-736/1 од 02.12.2013 година, произлегува дека во случајот не се работи за колективно отпуштање од деловни причини.”