- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 72.85 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 22, 2010
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.263/2009-1
Работно време
„Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот утврди дека законодавецот непрецизно и широко го дефинирал изразот „работно време“ определувајќи го неговото значење како право на работодавачот да располага со работникот кој работи, со што се создава можност работодавачот во димензионирањето на работните активности да ги повреди уставно гарантираните човекови слободи и права во кои се и правата од работен однос и интегритетот на работникот. Имено, располагањето на работодавачот во контекст на одредбата, ги надминува рамките на дефиницијата за определено „работно време“ и изразот добива значење на неопределено по обем работење и искористување на работникот во вршењето на работните задачи од страна на работодавачот, со што дефиницијата остава простор длабоко да се допре до личноста и интегритетот на работникот во остварувањето на работите од работниот однос, а со тоа да се загрозат неговите слободи и права утврдени во Уставот. Со оглед на тоа, оспорената одредба од Законот не е во согласност со членот 32 од Уставот, според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1); секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2); секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3); секој вработен има право на платен, дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат (став 4); и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5)."
Работно време;
Ноќна работа
„Судот, исто така утврди дека во членот 129 од Законот кој има наслов „Ограничувања на работата ноќно време“, во оспорениот став 1 од овој член од Законот е пропишано дека работното време на работникот кој работи ноќно време не смее да трае просечно повеќе од осум часа на секои 24 часа.
Судот, во рамки на анализата на оспорената одредба од Законот, утврди дека Законот за работните односи со одредбите од членовите 127-131 ги уредил прашањата кои се однесуваат за: ноќна работа, права на работниците кои работат ноќно време, ограничување на работата ноќно време, консултирање со синдикатот и ноќна работа на жените во индустријата и градежништвото.
Судот, исто така, утврди дека законодавецот само со ограничувањето на работното време на работникот кој работи ноќно време да не смее да трае просечно повеќе од осум часа на секои 24 часа, без да го регулира временското ограничување на ноќното работење во колкав период од годината, односно воопшто во колкав временски период тоа може да се извршува, дозволил ноќната работа да може да трае без временски лимити, а со тоа допуштил работодавачот да го употребува работниот ангажман на работниците за ноќна работа постојано или како што тој смета дека е потребно, на штета на правата и интересите на работниците кои произлегуваат од работниот однос спротивно на членот 32 од Уставот и се доведува во прашање хуманоста, социјалната правда и солидарноста определени како темелни вредности на уставниот поредок во членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот. Од овие причини Судот утврди дека оспорената одредба од членот 129 став 1 од Законот не е во согласност со наведените одредби од Уставот."
Состав на Комисијата за утврдување на репрезентативност
„Од анализата на оспорениот член 213-б како и другите одредби од Законот, Судот оцени дека законодавецот со закон ги уредил прашањата за условите и критериумите за определување на репрезентативност на синдикатот и на работодавачите, како и постапката по барањето за репрезентативност, каде Комисијата за утврдување на репрезентативност донесува решение против кое може да се поднесе жалба до Владата на Република Македонија и може да се заведе управен спор пред надлежниот суд. Репрезентативноста се определува за временски период од три години, а воедно синдикатот и здружението на работодавачи може да поднесат барање за преиспитување на репрезентативноста, по истекот на периодот од една година од денот на донесувањето на решението. Решението за репрезентативноста се објавува во „Службен весник на Република Македонија“. (...)
Од анализата на оспорените одредби од членот 213-б од Законот, Судот оцени дека законодавецот не обезбедил Комисијата да ја сочинуваат претставници на Владата на Република Македонија како и претставници на работодавачите и синдикатите, соодветно на трипартитниот однос на овие претставници кој се остварувал и бил застапен во рамките на Економско-социјалниот совет утврден во други одредби од Законот. Имено, со оспореното законско решение со кое Комисијата е составена само од претставници на министерствата, е овозможено за статусот на репрезентативност на синдикатот, односно на здружение на работодавачи да се одлучува во Комисија која нема во својот состав претставници токму на синдикат или работодавачи, од кои се избира односно одлучува за статусот на репрезентативност, а со тоа и одлуките за изборот донесени од Комисијата по својата суштина не би биле одраз на објективизиран пристап во одлучувањето на социјалните партнери во трипартитниот однос во економско-социјалната сфера во општеството. Со оглед на тоа и за членот 213-б од Законот Судот оцени дека не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, според која хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.”