- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 74.25 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 13, 2010
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.20/2009-1
Разрешување на претседател и член на Прекршочна комисија
„Основите за разрешување на член на Прекршочната комисија се утврдени во ставот 4, меѓу кои е содржана и оспорената точка 4, според која претседателот и член на Прекршочната комисија може да се разреши, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.
Од содржината на оспорената одредба произлегува дека осудата со правосилна судска пресуда за кривично дело, претставува основа за разрешување на член на Прекршочната комисија. Од тоа како е формулирана одредбата, произлегува дека оспорената одредба се однесува за осуда на кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина и независно од видот и висината на санкцијата.
Со тоа, според мислењето на Судот, се ограничува по сила на закон правото на членот на Прекршочната комисија да ја врши оваа должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Ваквата преопшта формулација на оспорената одредба не е доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.
Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можело да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.
Тргнувајќи од наведените причини, според Судот, формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека одредбата од член 266-б став 4 точка 4 од Законот за работните односи не е во согласност со Уставот."
Плата
„Во однос на членот 266-б став 8 како и членот 266-г став 12 од Законот за работните односи, подносителот на иницијативата го оспорува овластувањето на министерот надлежен за работите од областа на трудот да ја определи наградата за членовите на Прекршочната комисија, односно на членовите на Комисијата за посредување, сметајќи дека за тоа во Законот не постојат критериуми и параметри.
Од анализата на оспорените одредби, како и од целината на Законот, произлегува дека навистина во Законот не се содржани критериуми и мерила врз основа на кои надлежниот министер ќе ја определи висината на наградата на членовите на двете комисии. Меѓутоа, она што во конкретниот случај за Судот е спорно е прашањето дали воопшто во Законот треба да биде предвидена награда на државните службеници членови на овие комисии. Имено, имајќи ја предвид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на управата им е воведена нова надлежност, надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка.
Оттука произлегува дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност.
Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на органот и нешто што е надвор од неговите надлежности. Оттука и членувањето на државните службеници во Комисијата за прекршоци, односно во Комисијата за посредување не може да се смета за дополнителен ангажман на државните службеници, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Според оценката на Судот, дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот.
Поради наведеното Судот оцени дека одредбите од член 266-б став 8 како и членот 266-г став 12 од Законот за работните односи не се во согласност со одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.”