Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.200/2008-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 66.09 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 13, 2009
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.200/2008-1

Работно време и одмори;
Одмори;
Годишен одмор

„Со оспорениот член 145 став 1 од овој закон, се утврдува основот и висината за плаќање на неискористениот дел од годишниот одмор. Така, се утврдува дека ако работодавачот не му овозможил искористување на годишниот одмор, работникот има право на обештетување за неискористените денови на годишен одмор, во висина на просечната плата на работникот за тие денови. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член.

Според Судот, со законското решение од став 1 на членот 145 од Законот, спротивно на уставната гаранција од член 32 став 4 од Уставот, која значи обврска за работодавачот да создаде услови за користење на годишен одмор на работникот и тој одмор да го плати, законодавецот пропишува можност работодавачот, наместо овозможување на користење на платен годишен одмор, на работникот да му исплати обештетување за неискористените денови на годишен одмор, односно користењето на годишниот одмор да го замени со парично обештетување. Ваквата одредба остава простор за толкување во смисла дека доколку за работодавачот е тоа поисплатливо, користењето на годишниот одмор на работникот може да го замени со исплата на парично обештетување и тоа без никакви санкции.

Тргнувајќи од тоа дека наведената законска одредба значи ускратување на уставно утврденото право на користење на платен годишен одмор на работниците, од кое тие не можат да се откажат, Судот оцени дека член 145 став 1 од Законот не е во согласност со член 32 став 4 од Уставот.

Со оглед дека член 145 став 2 од Законот во делот „или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член“ ја следи правната судбина на ставот 1 на овој член, Судот оцени дека натамошното опстојување на овој дел од одредбата би значел повреда на начелото на владеењето на правото, утврдено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Од истите причини, Судот оцени дека и натамошното опстојување на насловот пред оспорениот член 145, кој гласи: „Плаќање на неискористениот дел од годишниот одмор“, исто така, би значело повреда на начелото на владеењето на правото. Тргнувајќи од наведеното, Судот утврди дека натамошното опстојување на овие одредби во правниот поредок е неуставно.”

Претходно Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.173/2008-1
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право