- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 71.94 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 4, 2007
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.188/2006-0-0
Правно средство за заштита на работникот против одлука за отказ на договорот за вработување од страна на работодавачот
„Од содржината на членот 175 и наведените ставови на членот 405 од Законот за парничната постапка произлегува дека парничната постапка се поведува со тужба, односно во постапката во спорови од работните односи законодавецот оперира со зборот „тужба“, а не „жалба“, што јасно упатува на заклучокот дека зборот „жалба“ во оспорениот член 181 став 4 се употребува „можеби поради техничка грешка“.
Во конкретниот случај со членот 181 став 4 од Законот, а со тоа и со оспорениот дел, не се предвидува поднесување на тужба како што тоа е регулирано во нашиот правен систем, туку поднесување на жалба. Жалбата ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и спроведлива и поради тоа по жалбата одлучува секогаш повисок орган со што се прокламира и двостепеност во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси. Притоа, ова правно средство остава можност за внатрешно решавање на настанатата состојба.
Значи, кога станува збор за заштита на права пред суд, постапката не се поведува со жалба, како што тоа е предвидено во оспорениот дел на членот 181 став 4 од Законот, туку со тужба.
Оттука, самото постоење на зборот „жалба“ во членот 181 став 4 од Законот, создава правна несигурност кај граѓаните што е спротивно на начелото на владеењето на правото кое во себе го содржи начелото на законитост, кое начело го обврзува законодавецот да конципира (формулира) прецизни, недвосмислени и јасни норми. Само јасните и прецизните норми можат да претставуваат солидна основа за законито постапување, во случајов, на судските органи, што тоа не го обезбедува оспорената одредба од Законот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека членот 181 став 4 во делот: „жалба“ од Законот за работните односи не е во согласност со начелото на владеење на правото утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.”