- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 68.77 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 29, 2016
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.114/2014-1
Престанок на работниот однос;
Престанок на работниот однос во други случаи предвидени со закон;
Прекин на договорот за работа поради возраст на работникот
„(...) уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и продолжувањето на договорот за вработување, а со тоа и продолжување на работниот однос, граѓаните да ги става во еднаква правна положба по наведените основи, па и по основ на пол.
Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорените делови од член 104 ставовите 2 и 4 на Законот определуваат работникот маж да може да побара од работодавачот продолжување на договорот за вработување до 67 години возраст, а работничката жена да може да побара продолжување на таквиот договор до 65 години возраст, при што работодавачот е должен да го продолжи договорот за вработување до периодот што го бара работникот маж или работничката жена, без можност да излезе надвор од утврдената законска рамка.
Според тоа, таквите законски одредби се задолжителни и наметнуваат престанок на работниот однос на работничката жена под поинакви услови од работникот маж, односно на неа и престанува работниот однос и правото на работа со навршени 65 години живот, а на мажот со навршени 67 години живот.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се во согласност со уставно утврденото начело на еднаквост на граѓаните по основ на полот определено во член 9 од Уставот.
Судот смета дека е друго прашање правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж, доколку тоа го избере самата, со оглед дека тоа право има оправдување во принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената. Но, тоа право на жената во сферата на пензиското и инвалидското осигурување не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Во конкретниот случај, Судот оцени дека продолжувањето на договорот за вработување всушност значи продолжување на работниот однос, односно остварување на правото на работа кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.”