- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 74.05 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 23, 2020
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.120/2019-1
Плата;
Утврдување на вредноста на бодот
„Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 52 од Колективниот договор произлегува дека во него е содржано овластување на директорот на претпријатието да ја утврдува вредноста на бодот за секој месец во зависност од остварувањето на производно-финансовиот план, согласно утврдените критериуми, при што вредноста на бодот може да се движи од 0,70 до 1,30.
Членот 37-ц од Законот за јавните претпријатија определува, исто така, дека вредноста на бодот ја утврдува директорот на јавното претпријатије, но не на сите компоненти на платата (основна плата и додатоците), туку само на основната плата. Притоа во оваа законска норма нема овластување за определување на коефициентот, според кој се пресметува платата секој месец како што тоа го предвидува оспорената одредба.
Оттаму, уредувањето во оспорениот член 52 од Колективниот договор директорот еднаш месечно да ја утврдува вредноста на бодот на целокупната плата не е во согласност со членот 37-ц од Законот за јавните претпријатија којшто предвидува вредноста на бодот да ја определува директорот и тоа само по однос на основната плата. Исто така, оспорената одредба не е во согласност со член 88 став 3 од Законот за административните службеници којшто предвидува вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници да се утврдува секоја година со одлука на основачот која, на предлог на надлежниот функционер, да се донесува во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на буџетот на институцијата, а во рамките на предвидениот буџет и врз основа на вкупниот број на административни службеници распоредени по соодветните нивоа за тековната година, а не да се утврдува еднаш во месецот, како што предвидува оспорената одредба.
Судот, имајќи предвид дека подзаконските акти, односно колективните договори мораат да бидат во согласност со повисоките акти, односно законите и Уставот, што овде не е случај, оцени дека оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Оваа уставна норма инсистира на усогласеност на правниот поредок заради постоење правна сигурност, јасна и недвосмислена уреденост.
Врз основа на направената анализа, Судот, исто така, оцени дека оспорената одредба не е во согласност и со член 37-ц од Законот за јавните претпријатија како и со член 88 став 3 од Законот за административните службеници.”